Бакарот станува стратешки ресурс, Димов: „Иловица–Штука“ треба да добие шанса за одржливо рударство

Во услови на глобална борба за минерални суровини и растечка потреба од критични минерали, Македонија треба да го искористи сопствениот потенцијал, смета универзитетскиот професор и декан на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот во Штип, Ѓорѓи Димов.

Тој оценува дека Европа веќе јасно го трасира патот кон поголема сигурност во снабдувањето со критични минерали, а Македонија треба активно да се приклучи кон овие процеси.

„Сега е моментот да се приклучиме кон она што го прави Европа во однос на политиките и активностите за критичните минерали“, порача Димов во гостувањето на Канал 5.

Според него, државата треба да постапува согласно домашната Стратегија за минерални суровини и да создаде услови за одговорно користење на ресурсите со кои располага.

„Ние не можеме без минералните суровини“, вели Димов, додавајќи дека Македонија и понатаму располага со значајни депозити кои претставуваат потенцијал и за идниот економски развој.

Како особено важен пример тој го посочува проектот „Иловица–Штука“, за кој смета дека може да биде издржан рударски проект.

Во прилог на значењето на бакарот оди и глобалниот тренд на растечка побарувачка за овој метал, кој е неопходен за современата индустрија и енергетската инфраструктура.

Но, според Димов, искористувањето на ресурсите не значи занемарување на животната средина.

Напротив, рударството треба да се развива со современи технологии и со принцип на одржливост.

„Треба да го искористиме она што ни го дава природата, на одржлив и издржан начин без притоа да се прави поголем притисок на природата и ресурсите околу рударските постројки“, истакна професорот.

„Ако во 2015 година, кога се завршени деталните геолошки истражувања, е констатирано дека постои сериозно наоѓалиште со сериозни резерви, односно технолошко-економски рудник за експлоатација, кога бакарот тогаш е околу 5-6.000 долари, сега цената на бакарот е 14,700… Мислевме дека до 2030 година ќе дојде до 15 илјади долари, но сепак до крајот на оваа година ќе дојде до 15 илјади. Никој не знае каде ќе му биде крајот. Значи, ако било исплатливо во 2015 година тоа да се експлоатира и да се започнат рударските проекти, да се завршат истражувањата и да се започне подготовка за идна експлоатација, јас мислам дека сега е глупаво и дегутантно да зборуваме дали е тоа исплатливо или неисплатливо“, дополни Димов.

Тој наоѓалиштето во Иловица го спореди со двете наоѓалишта во Грција, односно на Халкидики, за кои кажа дека се на само двесте километри од нас, од кои едното е на десет километри од плажите, а другото на 1,5 километри од морето. Професорот нагласи дека тамошните рударски проекти се странски инвестиции, преку големи странски корпорации коишто работат со свои грчки филијали. Тоа се странски инвестиции, како што додаде, кои инвестираат во еден сериозен систем, не само на експлоатација и екстракција, туку и на сериозен систем на мониторинг за заштита на животната средина.

„Тоа е едно големо наоѓалиште, коешто голем дел од него е истражено и е многу слично со оние наоѓалишта во Грција и по генетски тип припаѓаат на ист тип на порфириски наоѓалишта на бакар и злато коишто веројатно ќе се експлоатираат на ист начин на којшто се експлоатираат грчките наоѓалишта, иако нашите геолози имаат пресметано поголеми резерви во Македонија. „Иловица-Штука“ е и тоа како интересна за експлоатација и повеќе од јасно е дека многу лесно може да биде издржан рударски проект“, заклучи Димов.

Тој се осврна и на состојбата во светот и трката по критични минерали, велејќи дека Европа решила дека треба да се врати на својата минерална база и своите минерални суровини и затоа со Директивата за критични минерали од 2023 година веќе се ограничува времетраењето за издавање на дозволи и лиценци за отворање на рудници. Поради тоа, додава Димов, Европа сега врши обука на кадри за експлоатација на критични минерални суровини, а кај нас иако е интерес намален кадри постојат.

„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта  или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна универзитетскиот професор.

Според него, рударството мора да биде одржливо и мора да биде максимално во согласност со животната средина. Димов вели дека тоа е возможно и кај нас и неколку години наназад проекти од Факултетот, со имплементирана најнова технолошка опрема, се спроведуваат во рудниците во Источна Македонија и во нив се имплементирани најголем дел од еколошките мерки. 


(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано