АНАЛИЗА: Банкарските провизии низ призмата на модернизацијата на платежната инфраструктура и јавниот интерес

пишува: Оливија Филиповска, aвторот е аналитичар, експерт за банкарски процеси и деловни модели
Банкарските провизии низ призмата на модернизацијата на платежната инфраструктура и јавниот интерес

Вовед

Прашањето дали ограничувањето на банкарските провизии треба да биде законска материја станува сè поактуелно. Oсобено изненадува што тоа се поставува во услови на зголемена дигитализација и конкуренција на платните системи. Образложението е дека иако банките се комерцијални субјекти, нивните услуги се неопходни за нормално функционирање на економијата и општеството. Пристапот до банкарска сметка, платежни услуги и трансакции денес претставува предуслов за остварување на основни права и обврски. Оттука, дилемата не е дали државата може да интервенира, туку во која мерка и на кој начин.

Компаративна анализа

Ограничувањето на банкарските провизии е присутно во повеќето современи правни системи, но со различен пристап во регулацијата.

Во Европската Унија со регулативата за interchange провизиите, ЕУ директно воведе максимални лимити за одредени картични трансакции. Ова е пример на директна ценовна регулација, применета таму каде што пазарната структура и концентрацијата на моќ создаваат ризик од прекумерни трошоци за крајните корисници. Покрај тоа, преку директивите за платежни услуги и платежни сметки, ЕУ воспостави обврски за транспарентност, споредливост и право на сметка за основни потреби, со што индиректно влијае врз висината и структурата на провизиите.

Во земјите од Балканот, пристапот е послоевит, но трендот е ист. Дел од државите воведоа ограничувања или надзор над тарифите, најчесто преку централните банки, особено во сегментот на домашни и SEPA плаќања. Овие мерки се дел од процесот на усогласување со европските стандарди и препознавање на платежните услуги како услуги од јавен интерес.

На глобално ниво, постојат различни модели. Австралија применува регулација заснована на реални трошоци, каде што регулаторот оценува дали надоместоците се економски оправдани. Во некои земји од Латинска Америка, регулаторот воведува фиксни или процентуални лимити за одредени банкарски надоместоци. Примерите потврдуваат дека регулирањето на банкарските провизии е легитимен инструмент на јавната политика во светски рамки.

Прашањето дали провизиите треба да бидат ограничени бара внимателно балансирање помеѓу јавниот интерес и пазарната логика.

Банкарските услуги се неопходни за секојдневниот живот – примање плата, пензија, социјални надоместоци, плаќање сметки, даноци. Доколку надоместоците се превисоки, во извесна мерка се создава ризик од финансиска исклученост кај најранливите категории. Дополнително, пазарот на банкарски услуги често се карактеризира со ограничена конкуренција, сложени тарифници и ниска мобилност на некои клиенти, што ја намалува ефикасноста на пазарниот механизам.

Сепак, строгите регулаторни ограничувања во креирањето на ценовните политики на банките можат да доведат до раст и префрлање на ценовниот притисок од едни кон други финансиски услуги или канали. Исто така, постои опасност од намалување на иновациите и инвестициите, доколку банките немаат доволно простор за комерцијална флексибилност.

Улогата на банките во наплатата на јавни услуги

Важен, но често занемарен елемент во дебатата е улогата на банките во обезбедувањето пристап до наплата на јавни услуги. Во пракса, многу јавни претпријатија, со цел да постигнат пониска цена на јавните услуги, не инвестираат во доволна територијална покриеност со сопствени наплатни центри и доволен број на шалтери за наплата. Овој пристап ја намалува нивната директна оперативна цена, но истовремено го ограничува физичкиот пристап на граѓаните за традиционална готовинска наплата на услугите кои ги даваат на најранливите категории граѓани.

Наспроти тоа, банките сериозно инвестираат и одржуваат високо ниво на покриеност со својата мрежа на шалтери, банкомати и дигитални канали и производи за плаќање. Според податоците на Европската Банкарска Федерација и Народната Банка, банкарскиот систем во Северна Македонија располага со околу 376 деловни единици и експозитури распоредени низ речиси сите градови во државата. Дополнително, според податоците од ММФ и Светска банка, Северна Македонија има околу 24.7 банкарски експозитури на 100.000 возрасни жители, што е над просекот на повеќе земји во регионот како Албанија (16.9), а приближно на ниво на Хрватска (24.7) и Босна и Херцеговина (29.2).

Овие показатели упатуваат дека банките во нашата држава одржуваат значајна физичка инфраструктура и покриеност, и покрај забрзаната дигитализација. Преку сите овие канали тие овозможуваат наплата на сметки за струја, вода, греење, даноци и други јавни давачки, со конкурентни провизии. На тој начин, банките во целост ја заокружуваат својата јавна сервисна улога, обезбедувајќи континуитет, достапност и сигурност во наплатата на услуги од јавен интерес. Овој аспект е особено важен при оценката дали и до кој степен е оправдано ограничувањето на банкарските провизии, бидејќи банките преземаат значаен дел од инфраструктурниот товар кој јавните претпријатија не го носат, при тоа активно грижејќи се за испорачаниот квалитет на клиентското искуство кон штедачите во своите филијали.

Дополнително, банките во Северна Македонија преку електронското и мобилно банкарство овозможуваат плаќање на сметки за јавни услуги со значително пониски провизии, а во одредени случаи и целосно без провизија. Овој модел не само што придонесува кон намалување на трошоците за граѓаните, туку претставува и важен инструмент за дигитална инклузија и поефикасно функционирање на платежниот систем. На тој начин, банките практично преземаат двојна улога: од една страна одржуваат широка физичка инфраструктура за граѓаните кои зависат од шалтерски услуги, а од друга страна инвестираат во дигитални канали преку кои се стимулира поевтина, побрза и подостапна наплата на јавни услуги. Воедно банките ги следат европските трендови за поттикнување на дигитални плаќања како алтернативни услуги со помали трошоците во платниот промет.

Добри практики

Споредбената анализа укажува дека најуспешните системи применуваат комбиниран пристап: ограничување на клучни провизии, силна транспарентност и активен регулаторен надзор. Фокусот е ставен на основните банкарски услуги, додека поспецифичните производи за кои постои поевтин алтернативен канал се оставаат на пазарната динамика. Посебно внимание се посветува на заштитата на ранливите категории, преку сметки за основни потреби и разумни и алтернативни банкарски надоместоци. Умерената, таргетирана и транспарентна регулација преку сметките за основни потреби и имплементирање на иновативни технологии се добра практика и основа за правичен, инклузивен и модерен финансиски систем.


пишува: Оливија Филиповска, aвторот е аналитичар, експерт за банкарски процеси и деловни модели
Економија и бизнис, 15 август 2026

Најчитано