Третата директива на Европската Унија за платежни услуги (PSD3) доаѓа: анализа во контекст на ЗПУПС, на банките, на отвореното банкарство и на индустријата на финансиски технологии

Третата директива на Европската Унија за платежни услуги (PSD3) доаѓа

пишува: Оливија Филиповска | Авторот е аналитичар, експерт за банкарски процеси и деловни модели

Европската регулатива за платежни услуги, по Директивата на Европската Унија за платежни услуги (PSD) и по Втората директива на Европската Унија за платежни услуги (PSD2), еволуира во поамбициозна нова фаза. Со ПСД и со ПСД2 беше отворен патот кон интегриран пазар и меѓу другото беше воведен концептот на отворено банкарство (open banking). Како следен чекор Европската Унија ја најавува ПСД3, заедно со Регулативата за платежни услуги (PSR). Во контекст на целите на усогласување на законодавството со ЕУ, оваа промена во иднина неминовно ќе го засегне и Законот за платежни услуги и платежни системи (ЗПУПС) кај нас.

Како клучно прашање би се наметнало не дали ќе се усогласиме, туку дали отвореното банкарство ќе се развие во функционална реалност или ќе остане декларативен концепт.

Зошто Третата директива на Европската Унија за платежни услуги (PSD3) најавува следна фаза за отвореното банкарство?

Отвореното банкарство беше формално воведено со ПСД2, кога банките добија обврска да развијат можности за авторизиран пристап до платежните сметки за трети страни при што е воведена поделба на АИС – Услуги за информации за сметки (Account Information Services) и ПИС – Услуги за иницирање плаќања (Payment Information Services). Логиката на овој концепт е јасна. Прво и основно: корисникот на платежни услуги – сопственикот на сметката е сопственик на своите податоци и има право да дозволи авторизиран пренос кон трети страни, и второ: поттикнување здрава конкуренција и иновации во услови на регулирана безбедна размена на податоците.

Отвореното банкарство во ЕУ, а уште повеќе во земјите надвор од ЕУ е: неунифициран, фрагментиран и често нефункционален финансиски сегмент. Банкарските програмски поврзувања – Application Programming Interface (API) формално се достапни, но со ограничена функционалност и технички бариери за компаниите за финансиски технологии. ПСД3 има цел да го зајакне и да го стандардизира отвореното банкарство, суштински да го дефинира и правилно да ги адресира сивите зони во регулативата која произлезе од ПСД2 и од нејзината имплементација. Воедно, преку засилена заштита на потрошувачите (иматели на сметки), ПСД3 има цел да ја зајакне борбата против измами, да овозможи унифицирани и ефикасни АПИ-решенија, како и појасни правила за пристапот до платежните услуги.

Табела 1: Компаративна анализа на имплементацијата на PSD2 и отвореното банкарство на избрани земји од регионот
Извор: Сопствено истражување

ЗПУПС и отвореното банкарство во Македонија

ЗПУПС го препознава концепциски отвореното банкарство. Сепак, неговата примена е во многу рана фаза споредено со земјите од регионот кои веќе имаат поразвиени механизми за дигитална интеграција и стандарди за АПИ-пристап. Македонските банки се во фаза на инвестирање во технолошка инфраструктура и развој на сигурни канали за споделување податоци со компаниите за финансиски технологии, додека регулаторите се фокусирани на целосната имплементација на ЗПУПС заради постепено целосно усогласување со европската директива ПСД2. Ова значи дека иако концепциски рамката е поставена, практичната имплементација бара дополнителни ресурси, координација и доверба меѓу банките, секторот на финансиски технологии и корисниците. Во споредба со соседните земји, Северна Македонија заостанува, но тоа отвора можност за учење од нивните искуства и за побрза адаптација кон европските стандарди.

Што значи Третата директива на Европската Унија за платежни услуги (PSD3) за банките и за компаниите за финансиски технологии во претстојниот период?

ПСД3 има цел да го унапреди третманот на отвореното банкарство насочувајќи го кон засилена трансформација на банкарските бизнис-модели преку продлабочување и развивање на платежната инфраструктура, како и преку софистицирани решенија за финансиската технологија (наместо отвореното банкарство да се сведува на формална регулаторна обврска).

За секторот на финансиските технологии, ПСД3 претставува критичен момент и чекор кон обезбедување недискриминирачки и стабилен пристап до податоците, јасни правила за прекугранично работење и лиценцирање, како и зголемена доверба на корисниците на платежни услуги.

ПСД3 воспоставува рамка за поминување кон втора фаза од развојот на моделот на отворено банкарство. За Законот на платежни услуги ова може да биде клучен момент на избор дали ќе се сведе на минималното актуелно усогласување со европската регулатива или ќе се насочи кон сеопфатна стратешка регулаторна реформа. Проактивниот пристап може да донесе дополнителен импулс за јакнење на конкуренцијата во доменот на платежните услуги и јакнење на јавниот интерес на имателите на сметки преку пристапот кон иновативни, транспарентни и сигурни платежни решенија.

Во македонски контекст, ваквата реформа би значела усогласување со европските стандарди, дополнително отворање простор за компаниите за финансиски технологии и модернизација на домашната платежна инфраструктура, што директно би придонело за задржување на континуитетот на јакнење на довербата во банкарскиот систем, како и на неговата агилност во нудење на конкурентни платежни решенија за зголемена финансиска инклузија на граѓаните.


Економија и бизнис, 15 јуни 2026г

Најчитано