Интервјуа

ИМА ТЕХНОЛОШКО РЕШЕНИЕ ЗА ИЗБОРИ СО ЦЕЛОСНА СИГУРНОСТ, ПРИВАТНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Горан Обрадовиќ

Потпретседател на Доминион Воутинг од Канада

 

КАКО ТОА ГО ПРАВАТ ДРУГИТЕ?

Господине Обрадовиќ, за почетокот на јуни во Република Македонија се закажани вонредни парламентарни избори. Во предизборниот период често главна тема е изборниот список, начинот на гласање итн. Повод за ова интервју е да им овозможиме на читателите да видат како тоа го прават другите. „Доминион Воутинг“ (Dominion Voting) е канадска фирма што има своја канцеларија во Белград, а вие сте потпретседател за Европа. За почетокот на ова интервју кажете ни некои основни параметри за „Доминион Воутинг“, од кога постои, со што се занимава, бројот на вработени...

Г. Обрадовиќ: „Доминион Воутинг“ е канадска компанија основана на почетокот на 2003 година со основна цел да стане лидер во областа на автоматизацијата и дигитализацијата на изборните процеси како во поглед на производите, така и во поглед на услугите. Кога велам изборни процеси, првенствено мислам на парламентарни избори. Освен во Торонто, каде што се наоѓа нашето седиште, имаме канцеларии во Калифорнија, во Колорадо, во Тексас, во Њујорк и во Белград, Србија. Ние сме една од водечките светски компании во оваа област со преку 1 500 јурисдикции што ги користат нашите производи. Нашата Демокраси суит (Democracy Suite) платформа се состои од збир на апликации под називот Елекшн менаџмент систем (Election Management System – EMS), како и низа гласачки уреди од имиџкаст (ImageCast) серијата, што на корисниците им овозможуваат различни видови гласање.

Каде е користена досега технологијата што ја нуди „Доминион Воутинг“?

Г. Обрадовиќ: Најпрвин тука се Канада, како наш локален пазар, и САД како наш најголем и најкомплексен пазар. Тоа е и разбирливо бидејќи во САД некаков вид механичко-електрични уреди за гласање се користат уште од крајот на 19 век. Треба да се има предвид дека во САД се гласа за многу работи и на различни географско-административни нивоа, од претседател и потпретседател до гувернери, сенатори, конгресмени, па сѐ до судии, шерифи и многу други позиции. Секоја година се гласа по повеќепати, на полно јазици од кои некои немаат пишана форма (како Навахо). Гласањето е овозможено и на луѓе со физички недостатоци, така што и слепите и неподвижните можат да гласаат на нашите уреди преку голем број на вградени помагала. Потоа тука се Филипини, Монголија, Порторико и други. Секоја од тие земји има свои предизвици кога е во прашање гласањето така што може да се каже дека за нашата технологија се одлучуваат како развиени, така и млади демократии, без оглед на комплексноста на својот изборен процес.

ПО РЕГИСТРАЦИЈАТА НА ГЛАСАЧКОТО МЕСТО, ГЛАСАЧОТ ГО МАРКИРА СВОЈОТ ГЛАСАЧКИ ЛИСТ СО ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ИЗБРАНИТЕ КАНДИДАТИ ИЛИ ПАРТИИ. ПОСЛЕ ТОА ВЕДНАШ ГО ПРОПУШТА ТАКВИОТ ГЛАСАЧКИ ЛИСТ НИЗ ЕДНА ОД НАШИТЕ МАШИНИ ЗА ГЛАСАЊЕ КОИ ВЕДНАШ АНАЛИЗИРААТ ЗА КОГО Е ГЛАСАНО И МУ ОВОЗМОЖУВААТ НА ГЛАСАЧОТ ДА ГО ПРЕГЛЕДА НА ЕКРАНОТ СВОЈОТ ИЗБОР. ВО СЛУЧАЈ НА ЛИЦЕ СО НЕКАКОВ ВИД ИНВАЛИДИТЕТ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ АУДИО ГЛАСАЧКИ ЛИСТ ИЛИ НЕКОЕ ОД ПОМАГАЛАТА ШТО СЕ ИНТЕГРИРАНИ ВО САМИОТ УРЕД


Доминион Воутинг ИмиџКаст Еволушн, двоен дисплеј на местото за гласање

Како конкретно изгледа процесот на гласање кога се реализира со технологијата на „Доминион Воутинг“? Што прави гласачот кога треба да гласа? Кога се знаат резултатите од гласањето?

Г. Обрадовиќ: Начинот на гласање зависи од законските рамки на секоја држава, па со самото тоа се применува соодветно технолошко решение од нашата палета на производи и услуги. Така, на пример, имате случај на користење хартиени гласачки листови што се обработуваат со користење на специјални оптички скенери. На пример, нашите уреди имиџкаст, пресинкт, еволушн и сентрал, меѓу другото, овозможуваат и дигитално скенирање на хартиени гласачки листови. Во овој случај, по регистрацијата на гласачкото место, гласачот го маркира својот гласачки лист со заокружување на избраните кандидати или партии. После тоа веднаш го пропушта таквиот гласачки лист низ една од нашите машини за гласање кои веднаш анализираат за кого е гласано и му овозможуваат на гласачот да го прегледа на екранот својот избор. Во случај на лице со некаков вид инвалидитет може да се користи аудио гласачки лист или некое од помагалата што се интегрирани во самиот уред.
Друг вид гласање, кој не го исклучува претходно опишаното, е користење екрани чувствителни на допир. Ваквиот вид гласање е сличен на користење на таблет и се разбира овозможува користење на аудиофункции, како и помагала за инвалиди. Пример за вакви уреди се имиџкаст еволушн и имиџкаст X серијата, гласачки терминал со екрани чувствителни на допир, со различна големина, од 12, па дури до 40 инчи. Сите уреди на имиџкаст серијата имаат дополнителни опции како што се модеми за безжичен и жичен пренос на резултати од самото гласачко место, сигурносни системи со смарт картички, редундантни системи за чување податоци, термални печатачи за печатење на резултатите итн. Потоа тука е гласањето по пат на интернет, телефон и пошта. Во целина може да се гласа на разни начини, но најважно е на сите да им се овозможи да гласаат за да се постигне голема излезност на изборите бидејќи само така се доаѓа до навистина демократски избрана власт.
Резултатите од гласањето обично се познати по самото затворање на избирачките места. Имено, уредите во текот на гласањето ги собираат гласовите без оглед на комплексноста на избирачкиот процес. Имајте предвид дека во поодделни држави се користат мошне изискувачки алгоритми за броење на гласовите така што употребата на дигитални системи е неопходна.

Во принцип гласачот и не мора да дојде на гласачкото место за да го оствари своето право. Во Кембриџ, Онтарио, овозможивте технологија што дозволува да се гласа лично, но и преку телефон или преку интернет. Исто така може да се гласа не само во еден ден туку и во период од 16 дена. Како го интегриравте сето тоа? Дали овој пристап го зголеми интересот за гласање?

Г. Обрадовиќ: Чести се проектите во кои е потребно да се интегрираат различни видови гласање. Во Канада веќе десет години применуваме комбинација на гласање на гласачкото место со гласање преку интернет или телефон. Во САД често се комбинира гласање по пошта, на гласачките места, а во последно време и преку интернет за граѓаните кои во моментот на гласање се надвор од земјата. За да се постигне што поголема излезност, гласањето трае по неколку дена. Ние оваа потреба за интеграција на различни начини на гласање ја воочивме на самиот почеток на развојот така што во рамките на нашата Демокраси суит платформа сѐ започнува и завршува во комплексен збир на апликации под називот Елекшн менаџмент систем. Се работи за збир на апликации што служат за подготовка и за дефинирање на секое изборно случување, креирање гласачки листови, било хартиени, аудио или електронски, програмирање на сите уреди од имиџкаст серијата, а потоа и за обработка на резултати, правење разни извештаи, како и „извоз“ на резултатите за медиумите во реално време. Така, на пример, ТВ-станиците, како и интернет-порталите во реално време можат да ја средат обработката на резултатите и мошне брзо по затворањето на гласачките места да ги знаат резултатите од гласањето.
Кога е во прашање излезноста од гласањето мораме да имаме предвид дека таа зависи од многу фактори. Нашата задача е на гласачите да им овозможиме да гласаат на различни начини. Познато е дека младите генерации преферираат да гласаат преку интернет, но треба да се имаат предвид безбедносните предизвици што ги носат ваквите технологии со себе. Од друга страна, излезноста зависи и од политичката ситуација во земјата во која се гласа. Во секој случај, на секоја земја ѝ пристапуваме поодделно, ги анализираме разните опции и го нудиме најдоброто решение. Не постои универзално решение што е применливо за сите.


Доминион Воутинг, ИмиџКаст Еволушн, гласач внесува пополнет лист за гласање

За земја како што е Македонија важно е да имате искуство и со земји што, исто така, имаат одредена недоверба кон изборниот процес и во кои вашата технологија е воведена за првпат. Такви се, да речеме, примерите со Монголија и со Филипини. Како поминаа изборите со вашата технологија во тие земји од аспект на организаторот на гласањето? Какви се искуствата на вашата компанија?

Г. Обрадовиќ: Филипини и Монголија се два добри примери не само од аспект на степенот на развој на демократското гласање туку и поради комплексноста од географско-административна природа. Филипини се земја со голем број гласачи и мошне сложена географска и демокрафска структура. На изборите во 2010 година искористивме преку 85 илјади имиџкаст пресинкт гласачки машини што ги процесираа гласачките листови со должина од 30 инчи (околу 76 цм). Бидејќи Филипини се состојат од голем број острови користевме комбинација на 3Г и на сателитски модеми за испраќање на резултатите од гласачките места до централната локација за обработка на гласовите. Сѐ на сѐ, проектот беше успешен, но бараше доста логистика. Во Монголија изборите ги работиме од 2012 година и тоа во повеќе наврати. Наредните избори се во јуни годинава кога повторно ќе се користи нашата технологија. Во овој случај имаме значително помалку гласачи со право на глас, но главен предизвик е големината на Монголија. Фактот дека во Монголија веќе неколкупати се организираат избори со нашата технологија говори во прилог на довербата која млада демократија како што е Монголија ја стекна во нашите производи, технологија, но и во додатните услуги што им ги даваме.

Во целата оваа приказна е важно дека се користи најнова технологија. Потребни се иновации. Колку вложувате во потребните истражувања?

Г. Обрадовиќ: Мислам дека денес на сите им е јасно дека без вложувања во иновации и ефикасни процеси нема одржлив напредок. Нашиот развоен тим сочинува преку 25 % од вкупниот број вработени во компанијата. Имаме три развојни центри, Торонто, Денвер и Белград. Ние сме единствена компанија во овој сектор која има сопствен тим за развој на уреди за гласање, а не само за апликации и за софтвер. Останатите компании ангажираат други фирми кои прават за нив развој на електрониката, механиката и вградениот софтвер. Со самото тоа нашите вложувања во иновации се значајни, но тоа доведува до подобра цена на крајните производи, како и многу подобра контрола на квалитетот. Во рамките на компанијата имаме и посебна работна група која се занимава со анализа и со следење на спроведувањето на иновациите во компанијата. Имено, нашата логика е дека секој вработен може да предложи иновациски проект. Потоа следуваат низа процедури, истражувања, правење прототипи, сѐ додека некоја идеја не се префрли во редовниот развоен процес или не биде отфрлена.
Треба да се има на ум дека денес не е доволно да се иновира само на полето на развој на апликации или електроника. Потребни се производи кои се лесни за користење, а ние на тоа му придаваме големо значење од проста причина што машините за гласање ги користат сите структури на граѓани. Едноставно сите имаат право на глас. Со самото тоа имаме посебна група во рамките на компанијата што се занимава со искуствата на гласачите и која на база на прототипови врши испитувања во колкава мера е нешто лесно за користење.

ВО КАНАДА ВЕЌЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ПРИМЕНУВАМЕ КОМБИНАЦИЈА НА ГЛАСАЊЕ НА ГЛАСАЧКОТО МЕСТО СО ГЛАСАЊЕ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ ИЛИ ТЕЛЕФОН. ВО САД ЧЕСТО СЕ КОМБИНИРА ГЛАСАЊЕ ПО ПОШТА, НА ГЛАСАЧКИТЕ МЕСТА, А ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ И ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ ЗА ГРАЃАНИТЕ КОИ ВО МОМЕНТОТ НА ГЛАСАЊЕ СЕ НАДВОР ОД ЗЕМЈАТА. ЗА ДА СЕ ПОСТИГНЕ ШТО ПОГОЛЕМА ИЗЛЕЗНОСТ, ГЛАСАЊЕТО ТРАЕ ПО НЕКОЛКУ ДЕНА




Што работи конкретно канцеларијата на вашата фирма во Белград?

Г. Обрадовиќ: Белградската канцеларија на „Доминион Воутинг“ постои од јануари 2005 година. На почетокот собравме мал тим на инженери за развој на апликации. Денес тоа е тим од 50 инженери кои работат на развој на нови производи. Производите како што се Демокраси суит елекшн менаџмент систем, имиџкаст еволушн и имиџкаст X се во потполност развиени во Белград.
Во Белград, како и во регионот, не беше тешко да се дојде до квалитетни стручњаци. Некои од нив сега работат за нашата компанија во Торонто. Со оглед на оддалеченоста од нашите целни пазари, понекогаш беше тешко да се остварат некои од конкретните барања на пазарот или процесот на сертификација на уредите за посебни пазари. Сепак, со испраќање на луѓе од тука на тренинг и со состаноци или со носење овде на наши вработени од САД и од Канада секогаш сме успевале да го надминеме проблемот на оддалеченост, временските зони и непознавањето на една специфична област како што е гласањето.

Процесот на гласање е мошне сериозна операција во секоја земја. Во САД постои ригозорзна сертификација за секој производ што се користи за гласање. Како изгледа тој процес на сертификација?

Г. Обрадовиќ: По проблемите на изборите во Флорида во 2000 година, САД воведоа процес на тестирање и сертификација на опремата за гласање. Во САД постојат три акредитирани лаборатории кои детално ја тестираат секоја компонента на системот, како и соодветната документација. Се работи за релативно долг и скап процес, но денес е невозможно да се користи систем што не е сертифициран. Ние сме една од ретките компании што е сертифицирана на федерално ниво по најновите стандарди. Колку значи тој процес говори и фактот дека други земји го прифаќаат овој сертификат како меродавен кога се одлучуваат за купување и за примена на системот за гласање.

ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ АКО НЕКОЈ САКА ДА ОРГАНИЗИРА ИЗБОРИ НА КОИ СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГЛАСА СО ПОЛНА СИГУРНОСТ, ПОД ЦЕЛОСНА ПРИВАТНОСТ И СÈ ДА БИДЕ ТРАНСПАРЕНТНО, ЌЕ СЕ ОДЛУЧИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ВАКВИ СИСТЕМИ

Ако ова можело да биде применето во земји како Монголија и Филипини, претпоставувам не би било проблем да се примени во земји како што се Србија и Македонија. Дали постојат посебни предуслови што би биле тешко остварливи?

Г. Обрадовиќ: Мислам дека и во случајот на Македонија и на Србија, како и многу други земји, најпрвин е потребно да се измени изборниот закон. Тука најпрвин мислам на промена на законот во смисла дека дигитални системи можат да се користат за броење гласови. Друг проблем е избирачкиот список што, така да кажам, не е секогаш во склад со реалноста. Ние како компанија имаме технологија и искуство да помогнеме во секој процес на модернизација на изборниот закон. Денес ваквите системи се значително попристапни во однос на порано и нудат многу повеќе можности. Се елиминираат низа мануелни операции како во подготовката на изборите, така и кај броењето на гласовите. Се намалуваат трошоците бидејќи треба да се има на ум дека купениот систем може да се користи многу години. За самите гласачи процесот на гласање е полесен и поинтуитивен. Во секој случај ако некој сака да организира избори на кои секој може да гласа со полна сигурност, под целосна приватност и сѐ да биде транспарентно, ќе се одлучи за воведување на вакви системи.

Тогаш останува организаторите на избори на овие простори да одлучат дали сакаат да го подигнат квалитетот на процесот на гласање и да инвестираат во тоа. ви благодарам за ова интервју.

Г. Обрадовиќ: Ви благодарам за иницијативата една ваква тема да им ја приближите на читателите.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано