Перспектива

ИМА НАДЕЖ ЗА НАДЕЖТА

Зоран Јовановски

декември 2015 / јануари 2016

Крајот на годината е секогаш период на дефинирање на желбите и очекувањата за наредната година, без разлика дали тоа е на личен план или се однесува на бизнисот, итн. Столбот на тој процес е надежта, вербата дека подоброто утре навистина може да се случи во годината што доаѓа.
Надежта има тешка задача во Македонија. Притеснета е до самиот ѕид од битката до истребување помеѓу две политички опции, таа се бори да преживее. Мнозинството луѓе во земјава се поделени во два табори со отсуство на толеранција што добива загрижувачки димензии. Битка на сѐ или ништо. Тоа можеби е разбирливо за оние што се дел од политичката арена, но не смее да биде сѐ или ништо за Македонија како држава.
Ваквиот амбиент не е лесен за бизнисмените. Како да се предвидат идните бизнис чекори кога од најразлични страни дуваат ветришта што со себе носат спротивставени гледишта и предвидувања? На пример, имаше еден момент годинава, кога започна да се вжештува политичката конфронтација, кога некои медиуми во кусогледата битка за публицитет внесуваа немир кај бизнис секторот со своите катастрофични предвидувања за македонската економија. Бизнисмените се соочија со предизвикот да одлучат кому да му веруваат, кој медиум каква агенда следи. Во такви околности, „Економија и бизнис“ јасно и недвосмилено им посочи на своите читатели дека политичките турбуленции нема да ја нарушат фундаменталната макроекономска стабилност во Македонија. Крајот на годинава го потврди нашиот став.

НУЖНО Е НЕОПХОДНО ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ИНКЛУЗИВНОСТА ВО ОПШТЕСТВОТО. ПОТРЕБНО Е МНОГУ ПОГОЛЕМО ВКЛУЧУВАЊЕ НА СИТЕ ДОБРОНАМЕРНИ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ СТРАНИ ВО ГРАДЕЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ, ИТН. ОВА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА. ОВА Е ПРАШАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС

Како да напредува една земја кога нејзиното општество е така длабоко поделено? Постојат две очигледни решенија. Првото е домашно решение. Нужно е неопходно да се зголеми инклузивноста во општеството. Потребно е многу поголемо вклучување на сите добронамерни заинтересирани страни во градењето на институциите, економските политики, итн. Ова не е прашање на политичка партија. Ова е прашање на национален интерес.
Второто решение е поврзано со странство. Светлата точка во тунелот е дијаспората. Но, тука не мислам на онаа дијаспора што е предмет на дневно-политичките препукувања и прашањата од типот дали таа воопшто треба да учествува или не на македонските избори, со колку гласа да бидат избрани претставниците на дијаспората и слично. Не, тука мислам на една поинаква дијаспора, дијаспора која сака да помогне, знае и може, а ништо не бара за возврат.
Потенцијалот на таа дијаспора е огромен. На неодамнешниот Македонски економски самит, одржан во Скопје во организација на „Македонија 2025“, видовме само мал дел од тој потенцијал. Тука не зборувам само за Мајк Зафировски и Џон Битов помладиот туку младите луѓе од Македонија, распослани по компании ширум светот кои се глобални брендови. Тие споделија дел од нивното знање и размислувања. Како врвни професионалци кои веќе навлегле во менаџерските структури тие имаат увид и се во позиција да градат очекувања за стратешки важните правци во кои ќе се движи нивната индустрија во светот, итн.
Ова е голем интелектуален капацитет што ни стои на располагање како држава. Македонија е премногу мала и сиромашна за да си го дозволи луксузот да го занемари тоа. Властите мора да изградат долгорочно функционален механизам што ќе овозможи континуиран двонасочен трансфер на информации и знаења насочени кон градење на силна и просперитетна македонска економија. Вклучувањето на овие луѓе може да ги направи само подобри долгорочните стратешки одлуки за идните насоки на нејзин развој.
Мојот впечаток од самитот е дека желбата кај сите нив да бидат вклучени и да помогнат е огромна. Постои енергија, мотивација, желба да се помогне. Во тој контекст ја гледам и успешно реализираната иницијатива на „Македонија 2025“ со која од прилози на присутните на гала вечерата организирана во САД, во присуство и на поранешниот претседател на САД Џорџ Буш помладиот, собра милион долари. Со тие пари ќе се формира фонд од кој ќе се даваат стипендии и ќе се финансира образованието на млади луѓе од Македонија во САД!
„Економија и бизнис“ ќе остане доследна во реализацијата на својата мисија неуморно да придонесува во изградбата на општество што секогаш може да биде подобро, да го создава и зголемува просторот во пресекот на двете кружници наречени главни политички противници. Тоа е онаа територија на која сите се чувствуваат убаво, неоптоварено, каде што никој никого не прашува за кого гласаш туку дали имаш идеја како може животот во Македонија да се направи подобар. Тоа е онаа точка кај секое човечко суштество кога разликите започнуваат да исчезнуваат, а се буди желбата да се создаде нешто уште подобро, не за себе, туку за сите во заедницата. И сето ова со заеднички сили, ние што живееме во земјава заедно со сите оние што некогаш се иселиле од неа. Овој ангажман нема политичка боја, не се мери со пари и бенефиции, туку со љубов, искреност, посветеност и многу работа. Да дадеш, а ништо да не бараш за возврат.
Најлесно е во животот да бидеш песимист. Во Македонија ги има многумина, ама тоа не е причина за обесхрабреност. Има надеж за надежта во Македонија. Новата 2016 година нека биде среќна и бериќетна!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано