Бизнис

ОД ВИНАРНИЦА ДО ДЕСТИНАЦИЈА | Лепушек: Малите винарници да градат и да промовираат автентична винска приказна

Разговор со вински експерт и дистрибутер Дејан Лепушек, Дионисос компани, Словенија

Какво е значењето и кои беа клучните чекори во развојот на винскиот туризам во Словенија?
− Во Словенија има 2 500 мали винарници кои, на комерцијална основа, се занимаваат со производство на вино. Словенечките мали винарници се ориентирани на продажба на флаширано вино и тоа се прави со промоција со индивидуални контакти и препораки. Заедно учествуваат во ширењето на винската култура. Малите винарници не мораат да ги следат во чекор големите винарници. Тие не би требало да бидат меѓусебна конкуренција бидејќи на пазарот има место за сите. Предноста ја гледам и во малите производители, барем од она што го следам во Словенија. Консументите на вино од западните земји почесто бараат автентични вкусови и домашно произведено вино.

Што е најважно за една семејна винарница да привлече поголем број на потрошувачи?
− За мали винарници да излезат на надворешен пазар е тешко, да не речам невозможно. Позитивен пример е мојата приказна: љубовта кон вашите вина ме инспирира да ги промовирам македонските вински брендови во Словенија. Треба повеќе да се насочите кон вакви поединци кои ќе го промовираат македонското вино во светот. Малите винари во Македонија треба повеќе да размислуваат како да се шират локално, на домашниот пазар.

Во својата презентација истакнавте дека малите винарници треба да се посветат кон креирање на додадена вредност. Како да го направат тоа?
− Добро е да се учествува на вакви работилници на кои може да се разменуваат различни искуства. Состојбата и проблемите се речиси идентични за винарниците од двете земји. Малите винарници треба да почнат од блиското опкружување во градењето на сопствената винска приказна. Во основа и не треба многу пари, се користат локалните ресурси, некој е добар во производство на вино, друг во производство на домашна храна. Кога потрошувачите се чувствуваат убаво при консумирање на виното, нивното искуство станува најсилната промоција.

Словенија и Македонија имаат сличности во тоа што се транзитни земји. Како да се искористи овој потенцијал за развој на винскиот туризам?
− Тоа е вистински предизвик, но и можност. Развојот на винскиот туризам може успешно да се прави преку поврзување на повеќе мали винарници. Треба да се понуди повеќе од само дегустација на домашно вино или на храна. Во Словенија се разработени повеќе успешни модели за привлекување гости, поврзани главно со спортот и спортските активности, како и со нудење на домашна автентична храна... Треба да се планираат активности за гостите, во времетраење од повеќе денови. Дегустација на вино и на домашни сирења е во ред. Сепак, гостинот не знае што да прави следниот ден и тој си заминува по оброкот. Од искуството на словенечките винарници, западните потрошувачи никогаш не прашуваат за цената ако им се понуди квалитетна услуга. Повисоката цена подразбира и повисок квалитет на услугата.

Рековте дека сте се заљубиле во македонските вина. Каква е иднината за развојот на малите винарници во Македонија?
− Вие сте во голема предност што се однесува до развојот на малите винарници. Вашето гостопримство е на високо ниво. Тоа е искрено. Ние сме малку „поладни“. Вашата отвореност и искреност − тие се навистина најголем адут на македонските винарници. Секако, квалитетот на македонските вина е одличен, особено кога станува збор за производство на црвени вина − и треба да се работи на промоција на автохтони сорти како кратошија, темјаника. Со тоа ќе бидете поразлични од другите, не ви требаат светските сорти. Да се работи системски на градење,истакнување и споделување на локалните приказни.


Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, која ја спроведува групацијата Паладиум. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано