Бизнис
Турција е најголемиот странски инвеститор во Црна Гора
27.01.2026
Приливот на странски директни инвестиции (СДИ) од Турција во Црна Гора од 2020 година до август минатата година изнесуваше околу 417 милиони евра, што претставува осум проценти од вкупниот прилив на странски капитал, според податоците на Турската стопанска комора во Подгорица.
„Растот во последните две години е особено импресивен. Во 2024 година, турските инвестиции достигнаа 100,9 милиони евра, додека од јануари до октомври минатата година беа остварени дури 110,8 милиони“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на Турската стопанска комора, Бурхан Генч.
Тој оцени дека тие бројки јасно покажуваат дека Турција е најголемиот странски инвеститор во Црна Гора, со што се потврдува континуитетот и сигурноста на нивното партнерство.
„Денес во Црна Гора работат повеќе од 12.900 турски компании, што претставува една четвртина од сите странски компании во земјата и е конкретен доказ за довербата на турските инвеститори во деловната клима, правната сигурност и потенцијалот за раст на црногорската економија“, рече Генч.
Структурата на турските инвестиции е разновидна: од меѓукомпаниски долг од 51,8 милиони евра, преку инвестиции во недвижности од 35,6 милиони евра, до директни капитални инвестиции во домашни компании и банки.
Фото Економија и бизнис