Општество
Хоџа - Зомер: Швајцарија силен и долгорочен партнер во заштитата на животната средина
22.01.2026г.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа оствари средба со амбасадорот на Конфедерацијата Швајцарија во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер, на која беа разменети мислења за тековната и идната билатерална соработка во областа на животната средина.
-Министерот Хоџа на средбата изрази искрена благодарност за континуираната и значајна поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на државата повеќе од три децении, нагласувајќи дека таа е еден од најголемите билатерални донатори и клучен партнер во реформските процеси, особено во секторите вода, управување со отпад, природа и климатска отпорност. Беа разгледани тековните проекти поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), меѓу кои проектите за интегрирано управување со цврст отпад, управување со подземни води, заштита на биодиверзитетот и екосистемите, како и зајакнување на отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија, соопшти МЖСПП.
Министерот Хоџа ја потврдил заложбата на Министерството за понатамошно продлабочување на соработката со Швајцарија, во насока на усогласување со европските стандарди, одржливо управување со природните ресурси и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
-Амбасадорот Зомер ја реафирмираше поддршката на Швајцарија за реформските процеси во Северна Македонија и изрази подготвеност за продолжување на партнерството преку Програмата за соработка 2025-2028, се наведува во соопштението.