Економија

НЕМА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ БЕЗ ОДГОВОРНО УПРАВУВАЊЕ СО ЈАВНИТЕ ПАРИ - УНДП со поддршка на Словачка го имплементира проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“

УНДП со поддршка на Словачка го имплементира проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“



Јавните пари се јавен интерес. Начинот на кој управуваат носителите на одлуки на национално и на локално ниво со јавните финансии влијае на секој жител во државава затоа што од тоа зависи квалитетот на јавните услуги, нивото на економски можности и благосостојбата на граѓаните. Транспарентното и квалитетно управување со јавни финансии значи повеќе инвестиции во образованието, во здравството, во локалниот развој, во заштитата на животната средина и, во крајна линија, повисок квалитет на живот за граѓаните и подобри услови за водење бизнис за компаниите.
Со цел да ги зајакне капацитетите на надлежните институции за ефикасно, за транспарентно и за одговорно управување со јавните финансии и за усогласување со стандардите на Европската Унија, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП , во 2024 година започна со имплементација на проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“. Проектните активности, кои се спроведуваат во партнерство со Министерството за финансии, со Управата за јавни приходи и со Државниот завод за ревизија, се фокусирани во три клучни области:
» Намалување на неформалната економија, на корупцијата и на даночната евазија.
» Унапредување на фискалната децентрализација.
» Зајакнување на следењето и на ревизијата на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 – 2044.
Во изминатиов период се спроведоа голем број активности кои вклучуваат изработка на важни стратешки документи, обуки за вработените во надлежните институции, пренесување успешни политки од други земји, а во работата се вклучени повеќе еминентни економисти и експерти од земјава и од странство.

ПОМАЛКУ ПАРИ ВО ОПТЕК ЗА ПОЕФИКАСНА БОРБА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА
Една од клучните активности во рамките на проектот е подготовката на стратегија за намалување пари во оптек, чија имплементација треба да придонесе во периодот од 2026 до 2028 година значително да се намали бројот на трансакции во готово и од страна на граѓаните и од страна на компаниите. Според податоците на Народната банка, минатата година готовината во оптек во земјава достигнала рекордни 66 милијарди денари, а оваа бројка има постојан раст од 2020 година наваму.
На стратегијата за намалување пари во оптек работат меѓународни и домашни експерти, а вклучени се сите релевантни институции и банкарскиот сектор. Меѓу нив е Вјачеславс Домбровскис, економист со долгогодишно искуство за јавни политики и поранешен министер за економија на Латвија.
„Стратегијата за намалување пари во оптек е изградена врз пет столбови − безготовинско работење на државните институции, поголем број трговци кои прифаќаат плаќање со картичка, охрабрување на потрошувачите да користат електронско плаќање, дестимулирање на користењето готовина и поттикнување конкурентен и иновативен пазар на плаќање“, објаснува Домбровскис.
Но, клучната придобивка од овој документ не е олеснувањето на трансакциите, туку создавање терен за поефикасна борба против сивата економија.
„Готовината е ’кислород‘ за неформалната економија. Токму затоа намалувањето на употребата на готовина е еден од најефикасните методи за борба против сивата економија, подобрување на наплатата на даноци и обезбедување фер услови за водење бизнис“, вели Домбровскис.
Овој сегмент од проектот опфаќа и активности за воведување индикатори за процена и за следење на степенот на „сива“ економија и за неформална вработеност во државава, како и за воведување поефикасно и пофер оданочување.

ЌЕ СЕ СЛЕДИ СЕКОЈ ЧЕКОР ОД ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА СТРАТЕГИЈА
Националната развојна стратегија 2024 – 2044 (НРС) е клучен и сеопфатен стратешки документ вo кој е исцртан патот за напредокот на државава во наредниве две децении. Во нејзиното креирање учествуваа 14 000 граѓани, а од минатата година започна процесот на имплементација кој преку Генералниот секретаријат го води Владата на Република Северна Македонија.
Преку проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“ се работи на неколку важни аспекти кои ќе овозможат мерливо, сеопфатно и транспарентно следење на успешното спроведување на НРС како гаранција дека нема да ја снајде судбината на претходните стратегии кои останаа само „мртви букви на хартија“.
„Мониторингот на НРС е суштински механизам за усогласување на јавните политики и на инвестициите со долгорочните приоритети на државава. Се мапираа буџетските програми и јавните расходи на централно и на локално ниво во однос на стратешките цели, на приоритетите и на индикаторите за успех на НРС. Се доби јасна слика за распределбата на ресурсите, за степенот на усогласеност со приоритетите и со областите и детектирање каде постои дополнителна потреба од поддршка, од унапредување или постои преклопување. Ефектот е зајакната координација меѓу институциите, подобра транспарентност и навремено следење на резултатите“, објаснува Борче Треновски, професор на Економскиот факултет – Скопје.
Претставници од институциите надлежни за следење на имплементацијата беа на студиска посета во Естонија, чија стратегија „Естонија 2035“ служи како водечки успешен пример за поттикнување координирано, инклузивно и дигитално поддржано управување.
Проектот се спроведува во рамките на програмата „Јавни и приватни финансии за развој“ и имплементира решенија кои придонесуваат за модернизација, за ефикасност, за транспарентност и за усогласување на системот за јавни финансии со стандардите на ЕУ. Оваа програма се заснова на речиси 20-годишно партнерство меѓу Министерството за финансии на Република Словачка и УНДП, што донесе бројни резултати во партнерските земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано