Општество

„Као какао“ - прв македонски мјузикл на музика на Влатко Стефановски, премиерата во мај

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл на музика на гитаристот Влатко Стефановски, кој премиерно ќе биде изведен во мај, во копродукција на „Баги комуникации“ и Македонскиот народен театар. Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски. Засега во план е мјузиклот да има 19 композиции на Стефановски и групата „Леб и сол“, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани направени од Бобан Мирковски. 

Приказната од мјузиклот на сцена ќе ја раскажат младите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ во двата главни лика Дона и Џими. Тие се избрани од кастинг-директорката на проектот Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, ќе учествуваат повеќе актери, екипата ќе се дополнува. За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценограф - Валентин Светозарев. 

Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде рече дека идејата за проектот е пред три години, а активностите почнале лани во јуни.

- Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски затоа што е најиздржаниот и најпризнат музички опус од нашата држава во модерната музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и брендот на името на Влатко, направивме тим што во својата работа ќе одговара на неговото дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе, сите врвни професионалци во својата работа. Ова ни дава право да мислиме дека, доколку не е најдобриот, сигурно е еден од најдобрите културни проекти направени во последните децении и да се надеваме дека ќе успееме да излезе надвор од границите на нашата држава - рече извршниот продуцент Мандичевски.

Влатко Стефановски ја прифатил со задоволство идејата за мјузикл, верува во проектот и затоа на предлогот на продукцијата рече: „Зошто да не. Подобро да бидам сведок на тоа отколку да се прави кога ќе ме нема“.

- И по два-три состанока, работите почнаа да се отвораат. Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот. Добар текст е ако те допре емотивно. Кога го читав, овој текст ме насмеа трипати и ме расплака двапати, што е гаранција дека текстот е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски и дека има енергија и капацитет сето тоа да го скоцка и да го стави во некоја форма. За младите, кои ќе бидат глумци, пејачи и играчи, не се сомневам ни еден час ни една секунда. Затоа што, навистина, ако нешто имаме, тоа се талентирани млади луѓе, музичари, пејачи, актери, играчи. Така што, со големо задоволство го следам ова развивање на проектот што сега првпат го објавуваме и со оптимизам и убава мисла одиме понатаму. Му стојам на распoлагање и на аранжерот Мирковски, кој ќе ја види музиката на друг начин. Верувам дека ова може да биде многу интересн и успешен проект - истакна Стефановски на претставувањето на проектот.

Авторот на текстот за мјузиклот, писателот Венко Андоновски, рече дека како гимназијалец сакал да биде гитарист како Влатко и драмски автор како брат му Горан Стефановски, но не успеал да ги надмине и затоа, рече шеговито, имал двојна фрустрација, но додаде: „Еве, Господ ги реди работите“. Како што рече, се работи за љубовна приказна со мелодрамски ефекти, холивудски ориентирана, со многу противници и со неверојатен копнеж да се успее.

- Мислам дека ги внесов мојата љубов и страста кон музиката на Влатко. Мојата генерација ја имаше среќата - во Тафталиџе да има светски гитарист. Влатко отсекогаш бил за мене опсесија како музичар и, еве, Господ нареди - ако не можам да му парирам никако во музиката, можам да учествувам во нешто што се вика мјузикл, посветен на неговата навистина голема музика. Влатко не е само музичар, тој е човек епоха заедно со „Леб и сол“, се разбира. Меѓутоа, самиот е човек епоха и кога седнав да работам, сфатив дека јас тука нема што многу да правам. Мене ме водеше музиката. Јас добив избрани песни и едноставно тие песни самите си раскажаа своја приказна, што покажува дека Влатко живеел еден живот, неговата музика, неговата гитара говори, сама си се склопи приказната - рече Андоновски. 

Режисерот Пројковски, кој има многу соработувано со Андоновски, а првпат работи со Стефановски, на прес-конференцијата истакна дека е почестен што ја добил поканата од „Баги комуникации“ за мјузикл, кој, рече, ќе биде автентичен македонски и од кој очекува да ги полни салите во регионот.

- Музката на Влатко е еден вид македонска музичка лична карта. Во последните години доста работев во регионот и секогаш меѓу прашањата на фестивалите беше - дали го знаеш Влатко? Затоа ми е голема чест, а покрај авторската музика на Влатко, голема работа е брендирањето на македонската традиционална музика, која ја направи Влатко, и дека е голема неговата заслуга за тоа што сме музички познати. Така што, мјузиклот е голем предизвик, но ќе тргнеме да го работиме многу храбро, тоа значи ќе се обидеме да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл, кој, се разбира, ќе ги има структурите на мјузиклот, меѓутоа ќе се обидеме да создадеме наш оригинален јазик внатре и тоа ќе биде голем предизвик. Јасно ни е дека создаваме продукт што треба да стане регионално важен, односно македонски мјузикл, кој, се надевам, ќе ги полни салите во регионот и тоа е нашата идеја - истакна Пројковски. 

Горд и среќен што добил задача за аранжмани на песните на Влатко Стефановски е Бобан Мирковски, кој рече дека тоа е сериозен и одговорен предизвик. 

- Еуфоријата е голема за мене, со голема чест и задоволство работам на проектот. Влатко Стефановски ми даде слобода да ја користам неговата музика, која ја создавал за целиот негов живот и кариера. Ми рече: Од мене имаш отворени раце - слободно уживај. Јас решив дека ќе уживам во овој процес и се надевам дека ќе ја оправдам довербата - рече Мирковски. 

Кореографката Олга Панго рече дека растела со музуката на Влатко Стефановски и играла во неговиот „Зодијак“ и затоа е возбудена што ќе учествува во најсложената сценска форма, како што е мјузиклот. 

- Со Пројковски првпат работиме на ваква форма и ќе треба да одговориме на голем предизвик и задача. Се надевам дека ќе удриме во центарот бидејќи правиме македонски мјузикл и треба да личи на нешто што е светско. Имам големо кореографско искуство за бродвејски мјузикли поставени во Скопје, но ова е нешто поинаку - има македонска душа, македонски тон и треба да се разликува, а сепак да ја задржиме формата - рече Панго за проектот кој е во копродукција на „Баги комуникации“ и МНТ и ќе се реализира со поддршка од компании од земјата. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано