Општество

Младите во Македонија покажуваат сè поголем интерес за професионални војници, годинава конкурс за уште 300, изјави министерот Владо Мисајловски

Сè поголем е интересот кај младите за професионални војници во Армијата, а 296-те од сегашната генерација се најмногу досега, оцени министерот за одбрана Владо Мисајловски при денешната посета во касарната во Велес, каде што присуствуваше на свечената заклетва на професионалните војници. 

Мисајловски најави дека годинава ќе бидат примени уште 300 професионални војници.

- Oбуката, новата опрема, модернизацијата, сето тоа влијае младите луѓе да ја почитуваат Армијата, се разбира и Министерството, кои се најпочитувани институции во државата. Тоа е поради луѓето што се внатре, што поминале многу години, луѓето што се зад мене, кои поминале многу курсеви, што поминале многу во својата кариера и овие млади луѓе имаат од кого многу да научат - потенцира Мисајловски.

Министерот ги  охрабри младите да се пријават на новиот конкурс за професионални војници, што ќе биде објавен годинава.

На новинарско прашање дали од буџетот се издвојуваат доволно средства за професионалните војници, министерот Мисајловски појасни дека секоја година како Министерство го зголемуваат буџетот.

- Тоа е обврска во НАТО да се зголемува буџетот. Но ние веќе минатата година ги пресметавме овие нови 300 вработувања во буџетот. Така што, средства ќе има, не само како сума на пари, се разбира, туку и сè она што е потребно од опрема итн. И со тек на годините треба да расте буџетот, но кога ќе расте буџетот, се разбира, треба да гледаме и повеќе кадар да влезе во Министерството, нови војници, нова опрема, нова модернизација. Тоа ние ќе го правиме во текот на годините и да ги подобруваме сите услови не само на професионалните војници туку и на сите вработени што ги има и во Министерството и во Армијата - појасни Мисајловски.

Тој најави дека со началникот на Генералштабот и другите авторитети на Армијата веќе направиле иницијатива, како што рече, историски чекор за сите професионални војници, да го решат прашањето за нивното пензионирање, односно како да останат во Министерството по нивната 45. година. Најави дека набргу ќе излезат со информација за таа иницијатива.

- Вчера, Синдикатот се обиде да каже дека тоа е нивна идеја. Не, тоа доаѓа од Армијата, од раководството од авторитети заедно со луѓето, но ќе седнеме со Синдикатот да направиме одлично решение, при што ќе направиме историски чекор како да помогнеме секој да се чувствува убаво и по 45. година - потенцира Мисајловски.

На новинарско прашање дали ќе се зголемат платите на професионалните војници, министерот Владо Мисајловски потсети дека кога дошол како министер, не се исплаќало ништо по колективен договор, иако веќе бил потпишан. 

- Иако имале право да земаат и морало да земаат додатоци, по сè она што следува, примале само плата. Сега со сите додатоци што се исплаќаат платата е речиси удвоена. Некој може да ги земе по сите основи, некој помалку, но историски најголеми примања во независноста на државата. Тоа вчера го објавивме, го доставивме до медиумите и може да направите споредба со која било институција - изјави министерот Мисајловски.

Оцени дека во овој момент платите се највисоки наведувајќи дека од минатата година 30 проценти им се зголемени платите на сите вработени во Министерството. 

- Но, некои политички партии, би рекол, некои поединци од одреден синдикат сакаат тоа да го искористат за политички поени. Тоа е многу симптоматично како во еден ден тоа се случи, прес, поддршка итн. Но, една добра реченица имаше во тој прес - дека треба дијалог. Ние сме тука за дијалог, но кога имаме дијалог, тие тоа не го бараат, туку нешто бараат друго - потенцира Мисајловски.

На новинарско прашање за повторно воведување задолжителен воен рок во земјата, тој појасни дека лично го охрабрува овој потег бидејќи мисли дека младите треба да поминат такво нешто. Тој истакна дека притоа треба да се земат предвид многу параметри. Прво, финансите, второ, капацитетите што треба да се доизградат, дообноват. Во текот на годините многу касарни им се дадоа на општините, тие се пренаменија во разни објекти итн. Но, точно е, многу земји тоа го прават, во овој период гледаат да направат обуки, многу поинаку од минатото: со два месеца, три месеци, 75 дена. Добро е за размислување како тема, но овој момент не е тоа проект што сега би го направиле. Но, во иднина, ако оценат Армијата и воените авторитети дека тоа е чекор, јас сум тука тоа да го направам - рече Мисајловски.

Воедно, информира дека во постапка е набавка на нова униформа за сите да имаат нова балистичка опрема.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано