Општество

Здружението „Бадникови поворки“ ќе ја објави програмата на Бадниковата манифестација 2026

Здружението „Бадникови поворки“ денеска со почеток во 13 часот, пред поставената Божикна пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе одржи прес-конференција на која ќе ја објави целокупната програма на Бадниковата манифестација 2026.

- Пред Божикната пештера, која важи за едно од најимпозантните дела на уметноста и традицијата во регионот, официјално ќе бидат претставени сите активности што, под мотото „Со божикната радост, срца да стоплиме“, ќе се реализираат во претпразничниот период, како и на Бадник, Божик, па сè до Василица, велат од Здружението „Бадникови поворки“.

На прес-конференцијата, меѓу другото, ќе бидат објавени деталите за големиот божикен музичко-сценски проект - мјузикл, специјално подготвен за централната Бадникова манифестација во Скопје, со учество во живо на повеќе од 40 актери и пејачи, специјално изработените божикни ѕвезди, на кои работеа повеќе инженери, со цел децата да можат да ги користат и во годините што следуваат, уште еден симболичен и траен подарок за секое семејство - уметничко дело што секој ќе може да го понесе во својот дом, серијал кратки божикни приказни наменети за децата, како и новиот музички запис за песната „Вечниот Бог“.

Како што велат од здружението, бадниковите поворки и оваа година продолжуваат да го надминуваат сопствениот рекорд, со досега пријавено учество на повеќе од 80 општини, градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Италија, Словенија, Австрија и Соединетите Американски Држави. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО