Економија
Извозот на нафта од Венецуела продолжува и покрај американската блокада
18.12.2025
Венецуела вчера соопшти дека нејзините извозни операции се одвиваат нормално, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат или излегуваат од земјата.
Танкерите поврзани со државната нафтена компанија ПДВСА продолжуваат со своите пловидби „во легитимно остварување на правото на слободна навигација и слободна трговија“, се наведува во соопштението на компанијата објавено на Фејсбук.
Завчерашната најава на Трамп дојде во услови на зголемени тензии со Венецуела. Во објава на својата платформа „Трут соушл“, американскиот претседател ја обвини земјата дека присвоила „нафта, земјиште и други средства“ од САД и побара нивно итно враќање.
Минатата недела САД запленија танкер за нафта во близина на венецуелскиот брег.
Венецуела располага со огромни резерви на нафта, во голема мера зависи од извозните приходи и најголем дел од својата нафта ја извезува во Кина, која е геополитички ривал на САД. Авторитарниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, ја обвини администрацијата на Трамп дека ги таргетира овие ресурси и се обидува да изврши промена на режимот во Каракас.
САД распоредија значително воено присуство крај брегот на Венецуела, вклучително воени бродови, авиони и трупи, при што Трамп повеќепати нагласи дека копнени операции не се исклучени, објави МИА.
Фото Економија и бизнис