Вести
Меѓународeн форум „Глокализација 2.0: Одржлива родово-одговорна иднина”
10.12.2025
Меѓународен форум насловен „Глокализација 2.0: Одржлива родово-одговорна иднина” ќе се одржува денеска и утре во Скопје организиран од Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање (GBWN) која вклучува над 100 граѓански организации од Западен Балкан и Молдавија.
Како што соопшти организаторот GBWN, Форумот обединува повеќе од 80 учесници од 20 земји - претставници на граѓанскиот сектор, владини институции и активисти за родова еднаквост од цела Европа, создавајќи простор за поврзување на глобалната експертиза со локалните искуства, а со посебен фокус на климатското финансирање од родова перспектива.
-Форумот става особен акцент на зајакнување на учеството на граѓанското општество во процесите на креирање политики во сферата на заштита на животната средина и справување со климатските предизвици, и тоа на начин што ги опфаќа потребите на сите граѓани. Форумот за родово одговорно буџетирање има за цел да го зајакне граѓанското општество, да овозможи регионално поврзување на клучните засегнати страни, и да се заложи за поправедно управување со јавните финансии во доменот на родово-одговорната климатска акција. Ќе бидат прикажани и алатките кои организациите ги користат за мониторинг на родово одговорно буџетирање при климатското финансирање, како и да генерираат истражувачки наоди и да поттикнат отчетност, соопшти организаторот на форумот кој ќе опфати четири панел-дискусии.
На официјалното отворање на Форумот се најавени воведни обраќања на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, амбасадорот на Австрија во земјава - Мартин Памер, заменик-амбасадорка на Шведска - Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов - директор во Директорат за Европска Унија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, и Марија Ристеска - регионална директорка на Мрежата за одговорно буџетирање (GBWN).
Извор/фото МИА