Бизнис
КОЈ ГРАД Е ПРОГЛАСЕН ЗА ШАМПИОН НА ТУРИЗМОТ ВО ХРВАТСКА?
22.11.2025
Деновите на хрватскиот туризам (ДХТ) завршија во петокот вечерта во Дубровник со доделување на годишните туристички награди на најдобрите поединци, компании и организации. Годинава градот Ровињ беше прогласен за шампион на туризмот, а наградата ја додели премиерот Андреј Пленковиќ.
„Верувам дека следната година, врз основа на искуствата од оваа и претходните години, а земајќи ја предвид конкуренцијата на Медитеранот и целокупната состојба на економијата на нашите пазари, ќе донесете мудри и разумни одлуки и за подготовка на сезоната и за промоција на туризмот, за што годинава издвоивме двојно повеќе средства од минатата година; и дека 2026 година ќе биде исто така успешна туристичка година“, рече Пленковиќ.
За прв пат беа доделени национални награди за одржлив туризам во три категории, кои Хрватска ги воведе меѓу првите земји во Европа. Туристичкиот одбор на Меѓумурската жупанија беше награден за најдобра континентална дестинација за одржлив туризам, градот Дубровник за најдобра островска/крајбрежна дестинација, а одморалиштето Маслина Стари Град на островот Хвар за најдобар деловен субјект во одржлив туризам.
Наградата во културен туризам му припадна на Вараждин за програмата „Саботен ритам“, во активен туризам проектот „Истрија300“ од Пореч, а во поморски туризам „Олив Ајленд Марина“ од Сутомишчица на островот Угљан. „Опатија Таласотерапија“ беше наградена за најдобра во здравствен туризам, во деловен туризам „АЦ Хотел бај Мариот Сплит“, во рурален туризам манифестацијата „Јесен у Лика“ од Госпиќ, додека најдобар камп „Чикат“ од Мали Лошињ, хотел на годината „Задар Хајат Риџенси“ и инвестиција на годината во туризмот на Жњанско плато.
Фото Економија и бизнис