Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Климе Булоски: Вистинската трансформација на секоја компанија започнува од луѓето
Мега интервју со Климе Булоски, генерален директор на ГЕМАК
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2025г.
Со господинот Булоски разговаравме за неговата визијата за иднината на ФМЦГ-пазарот и новото лидерство во дистрибуцијата
Господине Булоски, во развојот на компаниите постојат периоди кога се случуваат важни трансформации. Низ слично искуство поминува и Гемак. Како би ја дефинирале оваа нова етапа: како раст, како рестартирање или како редефинирање на улогата на компанијата? Кои беа причините што се одлучивте на ваков чекор и кои беа најголемите предизвици?
Климе Булоски: Со повеќе од три децении присутност на македонскиот пазар и воспоставени стратешки партнерства со некои од најпрепознатливите светски брендови во категориите на тутунски производи, на алкохолни пијалаци, на кафе и на прехранбени производи, Гемак се позиционира како еден од пазарните лидери во увозот и во дистрибуцијата на производи за широка потрошувачка (ФМЦГ [FMCG]).
Во последниве неколку години, дистрибуцијата на ФМЦГ-производите доживува значајна трансформација поттикната од дигитализацијата, од одржливоста и од промените во потрошувачките навики. Овие трендови се во сржта на стратешката еволуција на Гемак, процес кој надминува обична оперативна експанзија. Компанијата ја редефинира својата улога во синџирот на снабдување, преминувајќи од традиционален модел на дистрибуција кон целосно интегрирана, дигитално управувана и клиентски ориентирана платформа.
Ова не е рестартирање, ниту фаза на раст, туку комплетна редефиниција на идентитетот и на мисијата на Гемак во ФМЦГ-екосистемот. Причините за овие промени во Гемак произлегуваат од динамиката на ФМЦГ-пазарот кој станува сè покомплексен и поконкурентен, потрошувачите сè поинформирани, со поголеми барања и поразновидни вкусови, брендовите се побројни, а трошоците се повисоки.
Во овој процес, како најголем предизвик би го издвоил прилагодувањето на целиот тим спрема новите барања на пазарот, обезбедувањето на соодветна техничка и технолошка подршка, како и зголемување на просторните капацитети.
Во услови на зголемена конкуренција, како ги оценувате состојбата и трендовите на пазарот на брзоротирачки добра во Македонија? Како функционира она што го нарекуваме дистрибуција во услови на дигитализација и промена на однесувањето на потрошувачите? Каква стратегија применува Гемак во вакви околности?
Климе Булоски: Во услови на зголемена конкуренција, притисокот врз цените на производите е на исклучително високо ниво. Ова ги поттикнува компаниите сериозно да се посветат на зголемување на ефикасноста во работењето и на оптимизирање на трошоците.
Дигитализацијата континуирано ја насочува дистрибуцијата кон моделот на директна испорака до потрошувачот преку креирање на нови онлајн канали, додека потрошувачите сè повеќе го ценат брзиот и лесен пристап до производите и до услугите.
Нашиот одговор на ваквите предизвици е стратегија заснована на четири столба:
1. Дигитализација на процесите – користење на интегрирани системи со аналитика во реално време, кои ни овозможуваат прецизна видливост и оптимизација на секој сегмент од процесот.
2. Оптимизација на продажните тимови – користење на податоци за креирање на најдобар пристап за продажните места и за купувачите.
3. Партнерски пристап со клиентите – за нас, секоја продавница е партнер, а не само точка на продажба.
4. Унапредување на квалитетот и на мобилноста на тимовите со постојано инвестирање во знаења, во вештини и во технолошка поддршка.
Верувам дека дистрибуцијата во иднина ќе биде комбинација од користењето на предностите на напредната техонологија, меѓу кои и вештачката интелигенција, човечката интуиција и беспрекорната услуга. Тоа е насоката во која се движиме.

Успехот на секоја деловна трансформација зависи од лидерството и од мотивацијата на вработените. Кои се вредностите што ја дефинираат корпоративната култура на Гемак?
Климе Булоски: Длабоко верувам дека вистинската трансформација на секоја компанија започнува од луѓето − нивниот начин на размислување, нивната мотивација и вредностите што ги водат.
Корпоративната култура на Гемак се темели на четири клучни принципи:
– Интегритет − работиме транспарентно, етички и со почит спрема сите партнери и вработени.
– Одговорност − сериозно ги сфаќаме своите должности и го вложуваме целото знаење во нивно исполнување.
– Адаптирање и фокус кон иднината − подготвеност за промени и за прилагодувања спрема барањата на пазарот, на потрошувачите и на партнерите, слобода во размислување и изразување и споделување идеи, иницијативи, иновации.
– Партнерство − негуваме отворена и искрена комуникација и соработка како внатре во компанијата така и со нашите деловни партнери.
Овие вредности не се само декларативни, тие се дел од нашето секојдневно работење и основа за долгорочна одржливост и за успех.
Гемак е дел од Малиќи груп (Maliqi Group) која силно инвестира во инфраструктура, во енергетска ефикасност и во дигитални системи. Колку е важна технологијата во ФМЦГ-дистрибуцијата денес?
Климе Булоски: Во денешниот ФМЦГ-сектор, технологијата не е само поддршка, таа денес ги дефинира темпото, квалитетот и одржливоста на секој аспект од дистрибуцијата − од магацин до потрошувач.
Дигитализацијата на синџирот на снабдување овозможува оптимизација на логистиката, следење на залихите во реално време и подобра предвидливост на побарувачката. Истовремено аналитиката и предвидувачкото планирање овозможуваат обработка на голем обем на податоци за подобра точност на нарачките и за намалување на трошоците, а најмногу од сè, квалитетно деловно планирање и следење и поттикнување на деловниот развој.
Водејќи се и од трендот на групациските инвестиции, Гемак активно инвестира во дигитални системи, во енергетска ефикасност и во инфраструктура. Во моментов, Гемак располага со современ дистрибутивен центар од 2 500 м², целосно дигитализиран WMS-систем, GPRS-следење и автоматизирана продажна платформа, но тука нема да застанеме.
Како ги интегрирате принципите на одржливост во секојдневното работење?
Климе Булоски: Одржливоста за нас не претставува само стратегиска насока, таа е составен дел од нашето секојдневно работење и корпоративна одговорност.
Инвестираме во модернизација на магацинските капацитети и на транспортните решенија кои ја намалуваат потрошувачката на енергија и на емисиите на CO2 Нашите логистички процеси се оптимизирани за минимален отпад и за максимална ефикасност. Почнуваме од мали, но значајни промени, како на пример оптимизација на транспортот, намалување на хартиена документација, осветлување со LED-технологија и сл.
Особено сум горд што новиот дистрибутивен центар во Визбегово ќе биде поврзан со соларна електрана, што ќе овозможи најголем дел од користената енергија да биде од обновливи извори.
Морам да напоменам дека битен аспект на идентитетот на Гемак е посветеноста на општествената одговорност. Компанијата активно поддржува различни општествени иницијативи и проекти директно, но и преку Фондацијата Енвер Малиќи, со особен фокус на образованието, на здравјето и на животната средина.

Работите со светски познати брендови како Дијаџио (Diageo), Империјал Тобако (Imperial Tobacco), Жифар (Giffard), Евијан (Evian) и други. Колку е тешко да се одржи довербата и да се испорача глобален стандард на локален пазар?
Климе Булоски: Да се работи со врвни глобални брендови е голема чест, но и голема одговорност. Тие имаат јасно дефинирани стандарди, очекувања и процедури и не прават компромис со квалитетот на услугата што треба да ја испорачаме. За да се одржи довербата, потребни се интегритет, доследност, транспарентност и брзи реакции на пазарните промени.
Нашата предност е што поседуваме локална експертиза со глобален менталитет. Знаеме како функционира пазарот, но и како да ги примениме глобалните стандарди во локален контекст. Гемак не е само оперативен туку е и стратешки партнер.
Односот со нашите деловни партнери и со светските брендови го градиме врз основа на одговорност, на доверба и на резултати. Тоа е формула што функционира повеќе од три децении.
Луѓето се најважниот ресурс во една компанија. Како ги идентификувате и ги развивате идните лидери во компанијата?
Климе Булоски: Развојот на талентот е највредната инвестиција што можеме да ја направиме. Во Гемак кон развојот на луѓето не пристапуваме како кон ЧР-активност, туку како стратешка цел и одговорност на менаџментот.
Идните лидери ги препознаваме по нивната иницијативност и интегритет. Тоа се колеги кои не чекаат задачи и не се задржуваат на проблемите, туку преземаат иницијатива, предлагаат решенија и покажуваат одговорност.
Предноста за Гемак е и фактот што е дел од Малиќи груп која е присутна на неколку пазари во регионот и во различни индустрии, што ни овозможува размена на искуства, на знаење и на добри практики. Тоа овозможува континуирано учење на најдобрите модели, искуства од различни пазари и нивна имплементација во нашето секојдневно работење.
На тој начин создаваме средина во која луѓето растат и се развиваат преку соработка, споделување знаење и искуство, а не преку хиерархија и наметнати авторитети. Токму тоа, според мене, е суштината на модерното лидерство.
Ако треба да ја опишете визијата за Гемак со една реченица, како би звучела таа? Кои се трите најважни приоритети за следниве пет години?
Климе Булоски: Нашата визија е да бидеме водечки дистрибутер во Македонија, кој ќе го предводи пазарот преку одржлив раст, иновации и прилагодливост, поставувајќи највисоки стандарди во дистрибуцијата и во општествената одговорност.
Трите приоритети за следниве пет години се:
1. Развој на луѓето и нивните лидерски капацитети како двигател на растот;
2. Лидерство во процесот на консолидација на дистрибутивниот бизнис и
3. Унапредување на дигиталната трансформација и автоматизација на процесите според најновите технолошки решенија и можости.
Верувам дека овие три насоки ќе овозможат Гемак континуирано да расте, но и да придонесува во развојот на локалната економија.
На лично ниво, кој е вашиот личен менаџерски принцип што секогаш го следите?
Климе Булоски: Верувам дека лидерството не е позиција, туку е влијание спрема тимот и околината што го градиш секој ден со максимална посветеност и со сопствен пример.
Вистинскиот лидер е оној кој знае да слуша, кој не стои пред тимот, туку е секогаш со и покрај него, особено во моментите на најголемите предизвици. Тој не бара виновници, туку создава здрава работна средина во која предизвиците се претвораат во можности. Преку постојана лична едукација ги следи современите трендови во менаџирањето и создава услови за хармонично функционирање на различните генерации во тимот.
Се водам од мислата дека успехот не се мери само преку бројки, туку во тоа колку луѓе си инспирирал да веруваат во себе и да придонесат во заедничката визија.
Во Гемак се стремам да ја негувам културата на искрена и на отворена комуникација, меѓусебна доверба, интегритет, флексибилност и одговорност, бидејќи компаниите не ги движат стратегиите, туку луѓето кои веруваат во нив и ја споделуваат истата визија за развој.
Разговараше: Ќирко Бошкоски