Економија
Влатко Сулев: Туризмот може да биде најсилната економска гранка во земјава
17.11.2025г
Како да привлечеме куповно моќни туристи кои обезбедуваат додадената вредност, и да ги задржиме на подолг престој
Кога зборуваме за развој на туризмот и ефектите од него, не мислиме само на престој на странски туристи во локалните хотели, посета во македонски ресторани и кафулиња, винарии, музеи и археолошки локалитети, туку на нешто многу пошироко. А тоа е далекусежниот ефект кој го има туризмот врз имиџот на една земја. Тој е огледалото на една држава, кое ја покажува културата и историјата на една земја, на еден народ. Најголемиот амбасадор кој може да постои!
Стратегија за одржлив туризам ни е потребна, но во нејзиното креирање треба да бидат вклучени сите активни чинители. Приватниот сектор, националните асоцијации за туризам, државата, општините, невладините, и само со јасно поставени приоритети, со синергија можно е да се постави правилна стратегија, и таа ефикасно да се спроведува.
Зошто е важен туризмот?
Обезбедува економска диверзификација. Нашата економија нема да биде зависна само од традиционалните сектори, бидејќи туризмот обезбедува нови инвестиции, нови работни места, ги задржува младите во земјава. Ја намалува емиграцијата, ги зголемува приходите на локалното население, го подобрува имиџот на земјата. Туризмот може да биде моторот на економијата. Затоа, на туризмот мора да се гледа не само како дополнување на економијата, туку како нејзин стратешки столб. Со визија, државна поддршка и партнерство со приватниот сектор, Македонија може да стане дестинација која не само што се посетува, туку се доживува и запаметува.
Што сакаме да постигнеме?
До 2035 година, Македонија да биде препознатлива како еколошка, културно историска, автентична и гастрономска дестинација од Југоисточна Европа која вреди да се посети.
Но тука мора да се нагласи дека кога зборуваме за одржлив туризам, тоа подразбира исплатлив бизнис кој најчесто е поврзан со посета на странски туристи кои се куповно моќни, кои се бројни и кои во континуитет во текот на целата година би доаѓале во земјава. Развој на туризмот поврзан со автопатот Е75, е сосем во ред, и тоа треба да се прави, и е добро, но тоа е транзитен туризам, но тука имаме мали приходи, посебно што во овој случај станува збор за туристи од регионот.
Која е големата слика во туризмот?
Замислете туристи од Кина, Јапонија од други земји од Азија во текот на целата година...исполнетост на капацитетите во јануари, февруари, март? А нив можеме да ги привлечеме само со офанзивна и правилна промоција. Со дигитален маркетинг, road show-а, со персонализираната и автентична комуникација според нивните потреби. Клучно во стратегијата е да одговориме на прашањето како да привлечеме куповно моќни туристи кои обезбедуваат додадената вредност, да ги задржиме на подолг престој, и како тие да потрошат повеќе пари.
Во таа насока ни треба да поставиме неколку јасни индикатори.
- 1. Бројот на ноќевања е важен, но уште поважно е тие туристи од каде доаѓаат, од која земја и колку се куповно моќни, и колку потенцијално средства би оставиле во земјава. И секогаш да го мериме степенот на задоволство на посетителите?
- 2. Што ќе ни биде во фокус: вински туризам, планински, wellness, историски, гастро, ќе ги комбинираме, и дали сме подготвени инфраструктурно за сите нив.
- 3. Што правиме на поле одржлив туризам? Дали развиваме еколошка свест, зачувување на природата, интеграција со локални заедници. Современиот турист не сака само „луксуз“, туку одржливост: органска храна, локални производи, еко-етика и транспарентност.
- 4. Дигитализација. За ова доста се зборува, но треба уште, се додека не се имплементира во секој сегмент од туризмот.
- 5. Без промоција нема туризам. Маркетингот треба да користи дигитални платформи, инфлуенсери, видеа, VR тури, затоа што денешниот турист не избира од брошура, туку од Instagram и YouTube.
Во време кога глобалната конкуренција за привлекување туристите е жестока, повеќе од кога било ни е потребна државна поддршка – системска, долгорочна и стратешка. Помошта не смее да биде само во форма на субвенции или промотивни кампањи, туку во создавање вистинска инфраструктура: патишта, дигитални платформи, еколошка заштита, и најважно – образовани кадри кои ќе го носат туризмот во следниот век.
Малата земја има предност, а тоа е нејзината флексибилност, автентичност и можност за брза адаптација. Но малата земја не мора да биде мала дестинација, a со вистинска стратегија, може да стане големо искуство.
Со визија, фокус и партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор, туризмот може да стане една од најсилните економски гранки во рок од 5–10 години.