Економија
„Економски и бизнис трендови што ја обликуваат иднината“, меѓународна конференција на Економски факултет
13.11.2025
Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре е домаќин на Шестата меѓународна научна конференција „Економски и бизнис трендови што ја обликуваат иднината“ (EBTSF-25).
Конференцијата ќе ги обедини истражувачите и експертите од областа на економијата и бизнисот, со цел размена на современи научни сознанија и искуства.
Меѓу главните говорници, како што најавија организаторите, се проф. Келд Лаурсен од Копенхагенската бизнис школа во Данска, кој ќе говори на тема „Што ги прави универзитетите економски корисни - и што значи тоа за економиите во развој“, и и проф. Тарек Ф. Расул од Заливскиот универзитет за наука и технологија (GUST) во Кувајт, кој ќе зборува на тема „Совладување на уметноста на систематските прегледи на литературата“.
EBTSF-25 претставува водечка академска платформа која ја поттикнува регионалната и меѓународната научна соработка и придонесува за унапредување на економската мисла и деловната практика. Оваа конференција е дел од активностите со кои Економски факултет – Скопје го одбележува јубилејот – 75 години од основањето.
Извор/фото МИА