Економија
Кина бара отстапки од Холандија во спорот околу чиповите
08.11.2025г
Кина бара позначајни отстапки од владата на Холандија во кризата со чиповите во која е вклучена холандската компанија Некспериа (Nexperia).
Холандија сè уште не презела никакви забележителни мерки за да спречи кршење на правата и интересите на кинеските фирми и да ја врати стабилноста на глобалните синџири на снабдување, соопшти денеска Министерството за трговија во Пекинг.
Власта одговараше на прашање за онлајн објавата од четвртокот на вршителот на должноста холандски министер за економски работи Винсент Кареманс, пренесе ДПА.
- Со оглед на конструктивната природа на нашите разговори со кинеските власти, Холандија верува дека снабдувањето со чипови од Кина до Европа и остатокот од светот ќе стигне до клиентите на Nexperia во наредните денови, објави Кареманс на X.
Кинеското Министерство за трговија побара тврдењето на Холандија да не остане само на зборови, туку да доведе до конструктивни планови што е можно поскоро.
Хаг, исто така, треба да престане да се меша во работите на компаниите преку административни средства, се вели во трекстот.
Пекинг се согласи со барањето на холандското Министерство за економски работи да испрати претставници во Кина на консултации, се наведува понатаму.
Заднината на конфликтот е одлуката на холандската влада на 30 септември да ја стави Nexperia под државна контрола поради загриженост во врска со кинеската матична компанија Wingtech. Кратко потоа, Пекинг воведе ограничувања за извоз на одредени чипови Nexperia, што влијаеше и на европските производители на автомобили.
Nexperia првенствено произведува стандардни чипови што се користат во големи количини во автомобилската индустрија и електронските уреди.
Пекинг претходно објави дека ќе дозволи исклучоци за извозот на Nexperia под одредени услови. Некои компании веќе објавија дека добиле одобренија.
Фото: ДПА