Бизнис

МИЛО ЃУКАНОВИЌ ВО „БИЗНИС-КЛУБ ПЛУС“: „МАКЕДОНСКИОТ БИЗНИС ИМАШЕ СОЛИДНА ОСНОВА И ТРЕБА ДА ГО ПРОДОЛЖИ СВОЈОТ РАЗВОЈ“

Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб плус“ гостин на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески е Мило Ѓукановиќ, поранешен премиер и претседател на Црна Гора, стопанственик и клучна фигура во процесот на државно осамостојување и на европска интеграција на државата. Разговорот беше посветен на економските и на политичките предизвици со кои се соочи Црна Гора по распадот на поранешна Југославија, како и на патот кон стабилна економија и кон евроатланските структури, што претставува значајно сведоштво за улогата на политичката визија во економската трансформација и за важноста на соработката со деловната заедница во создавањето конкурентна и стабилна држава.

Ѓукановиќ истакна дека неговата почетна професионална амбиција била поврзана со водењето бизнис, но неговиот животен пат, поради историскиот контекст и политичките околности, го насочил кон политиката. На само 29 години, во 1991 година, бил избран за премиер на Црна Гора, станувајќи најмладиот премиер во Европа во тој момент. Во следните децении извршувал повеќе премиерски и претседателски мандати обележани со клучни реформи, стабилизација и со стратешки меѓународни интеграции: поднесувањето на апликацијата за членство во Европската Унија, визната либерализација, како и потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и за членство на Црна Гора во НАТО.

Како еден од најдобрите студенти во својата генерација на студиите по туризам на Факултетот за економија во Подгорица, Ѓукановиќ постојано ја нагласува важноста на економскиот развој и на силното стопанство. Притоа, редовно консултирал лица кои имале знаење и искуство во водењето бизнис, особено туристички бизнис, за да обезбеди стратегиски насоки за развој на економијата. Во 2010 година, во Рим, заедно со тогашниот италијански премиер Силвио Берлускони, ја потпишал Спогодбата за стратешка соработка, со што Италија станала стратешки инвеститор во Црна Гора.

Одговарајќи на прашањето на претседателот Азески за пораката до младите бизнисмени, Ѓукановиќ истакна: „Македонските бизнисмени имаа одличен темел и мора да го продолжат својот развој и во сопствената земја и во регионот. Во основната идеја која мора да го води бизнисот се конкурентноста, ориентацијата и подготвеноста за отворени пазари и изборот на одговорна влада која ќе ги води процесите напред.“

Ѓукановиќ е основач е на пет приватни компании и бил акционер во повеќе инвестициски субјекти, што ја потврдува неговата долгорочна поврзаност со бизнис-секторот.

Како човек кој успеал да ги сочува мирот, стабилноста и мултиетничкиот карактер на Црна Гора и да ја обнови црногорската независност, тој е носител на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Медал за мир во светот од Меѓународната асоцијација на светските едукатори; признанието „Личност на годината“ од сараевскиот весник „Дневни аваз“ и од весникот „Независне новине“; Признанието за хуманизам на Интернационалната лига на хуманисти и на Повелбата на Европскиот центар за мир од Универзитетот за мир на Обединетите нации.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано