Економија

Хрватска влегува во финансиски хаос, ако итно не ги ограничи растот на платите и трошоците, предупредување од ММФ

Хрватска е на клучна крстосница за структурни и фискални реформи, неопходни за одржлив економски раст и финансиска стабилност, нагласија експертите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

-      Владата презеде правилни чекори со воведување данок на имот и зголемување на товарот за краткорочни изнајмувања, но би сакале да видиме промена на оданочувањето врз основа на пазарната вредност на имотот, изјави раководителот  на мисијата на ММФ во Хрватска, Јан Сун.

Таа, исто така, ја нагласи важноста од зголемување на понудата на прифатливи недвижности како клучен фактор за намалување на притисокот врз пазарот и спречување на шпекулациите.

-      Неопходно е дополнително да се фокусираат реформите на зголемување на фискалната дисциплина и ефикасноста на јавната потрошувачка, додаде таа.

Во извештајот на ММФ се наведува дека хрватската економија во 2025 година е меѓу најбрзите во еврозоната, со очекувано забавување на растот на реалниот БДП од речиси четири проценти на 3,1 проценти, додека за 2026 година се предвидува раст од 2,7 проценти. Домашната побарувачка е поттикната од зголемените реални приходи на домаќинствата, пониските каматни стапки и инвестициите финансирани од Европската Унија преку Националниот план за закрепнување и отпорност.

Сепак, ММФ предупредува дека одржувањето на приспособлива фискална политика, во комбинација со брзиот раст на платите во јавниот сектор, е потенцијално водечка причина за заканата од прегревање на економијата. Ваквите трендови би можеле да ја забават зголемената дезинфлација и сериозно да ја загрозат конкурентноста на Хрватска. Затоа, се нагласува итната потреба од ограничување на растот на платите и социјалните расходи, заедно со воведување построга фискална дисциплина, особено на локално ниво, со цел да се спречи понатамошно влошување на фискалната состојба.

Во извештајот се препорачува рационализација на даночниот систем, вклучително и намалување на ослободувањата и намалени стапки на ДДВ и проширување на даночната основа. Посебно внимание се посветува на зголеменото оданочување на имотот и приходите од краткорочни изнајмувања, врз основа на пазарната вредност на недвижниот имот, што придонесува за пофер и поефикасен систем.

Во пензискиот сектор, најважните приоритети се зголемување на возраста за пензионирање во согласност со очекуваниот животен век на населението, намалување на правото на предвремено пензионирање и зголемување на минималниот период на придонеси. Покрај тоа, ММФ ја истакнува потребата од подобрена интеграција на имигрантите како решение за хроничниот недостиг на работна сила и демографските предизвици со кои се соочува земјата. Инфлацијата во Хрватска достигна 4,4 проценти во 2025 година, со очекување дека ќе падне на целното ниво на Европската централна банка од околу два проценти до крајот на 2026 година. Растот на сметката за плати, која веќе е една од највисоките во еврозоната, дополнително негативно влијае на фискалната стабилност, пренесува Пословни дневник.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано