Економија

ЕДНОГОДИШНО ЦАРИНСКО ПРИМИРЈЕ- ШТО СОДРЖИ ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР МЕЃУ САД И КИНА?

Кинеската влада ќе ги укине ограничувањата за извоз на критични минерали, ќе го запре извозот во Северна Америка на хемикалии потребни за производство на фентанил и ќе го обнови протокот на полупроводници за автомобили, објавија од Белата куќа, детално опишувајќи го договорот постигнат од кинеските и американските преговарачи во Јужна Кореја во четврток, објавува Политико.

Како што изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент, договорот ги деескалира тензиите меѓу двете земји и во суштина применува едногодишно примирје во нивните односи почнувајќи од следната недела, објавува РТВ.

Во документ објавен од Белата куќа, отстапките на Кина се опишани како голема победа што ја штити економската сила и националната безбедност на Америка.

Според Политико, резултатите од состанокот меѓу двајцата лидери, Си Џинпинг и Доналд Трамп, претставуваат одлучувачка победа за агресивната царинска политика на американскиот претседател, и покрај фактот дека состанокот резултираше со компромиси и кревко примирје во односите, а не со долгорочен трговски договор.

Кинеските „јастреби“ стравуваат дека ништо не го спречува Пекинг да се повлече од договорот ако процени дека тој повеќе не служи за својата цел, наведува порталот.

Кина ќе издава општи лиценци важечки за извоз на ретки земни метали, галиум, германиум, антимон и графит во интерес на крајните корисници во САД, како и нивните добавувачи низ целиот свет, се додава во соопштението на Белата куќа.

Ова е добра вест за американските граѓани и одбранбената индустрија која се потпира на овие елементи во процесот на производство. Белата куќа, исто така, изјави дека Пекинг ќе преземе значајни мерки за да го запре протокот на фентанил во САД, како и строга контрола на извозот на други хемикалии до сите дестинации во светот, но без да прецизира за кои материјали станува збор.

Кинеската влада, исто така, се согласи да ги поништи неодамнешните потези на полупроводничката компанија Wingtech Technology за блокирање на извозот на клучни компоненти до нејзината холандска подружница Nexperia.

Тој потег предизвика криза со снабдувањето со чипови што сега влијае на глобалната автомобилска индустрија, а поради што холандската влада ја презеде контролата врз компанијата во септември. Според Белата куќа, Пекинг ќе преземе мерки за да обезбеди продолжување на трговијата од фабриката на Nexperia во Кина, што ќе овозможи производството на чипови да стигне до остатокот од светот, пренесува Бизнис.рс. 


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано