Бизнис

Кина нема да го ограничи извозот на ретки метали за ЕУ

Едногодишното одложување на воведувањето ограничувања за извоз на ретки метали од Кина важи и за Европската Унија, објави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ. Одложувањето беше договорено во четврток од страна на американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг.

„Кина потврди дека суспензијата на извозните ограничувања воведени во октомври важи и за ЕУ“, напиша Шефчовиќ на социјалната мрежа X по состанокот на високи претставници на Комисијата и Министерството за трговија на Кина, опишувајќи ги разговорите како конструктивни. Тој додаде дека двете страни ќе продолжат да се стремат кон подобрување на спроведувањето на политиките во областа на извозните ограничувања. 

Портпаролот на Комисијата, Олоф Гил, објави дека делегацијата на Европската комисија го поздрави одложувањето на воведувањето ограничувања за извоз на ретки земни метали од Кина за време на разговорите.

„Ова е соодветен и одговорен чекор за да се обезбедат стабилни глобални трговски текови во област од критично значење“, изјави тој за СТА.

Ретките метали станаа главна пречка во трговските преговори меѓу Кина и САД. Кина е водечки светски снабдувач на овие елементи, додека САД се во голема мера зависни од нивниот увоз. Истото важи и за ЕУ. Ретките елементи се клучни за модерната технологија, вклучувајќи ги паметните телефони, ветерните турбини, електричните возила и воената опрема, пренесува Сеебиз.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО