Вести
Уапсени двајца осомничени за грабежот во Лувр, крадците имале инсајдерски информации за обезбедувањето!
26.10.2025
Во саботата навечер, двајца осомничени за грабежот во Лувр беа уапсени и притворени. Уапсените мажи, двајцата на возраст од триесет години и по потекло од департманот Сен-Сен Дени, се осомничени дека биле дел од група од четири члена што извршила дрска кражба во најпознатиот француски музеј.
Операцијата беше започната откако истражителите дознаа дека еден од осомничените ќе избега во странство, веројатно во Алжир. Како што пишува Le Parisien, тој бил уапсен на аеродромот „Шарл де Гол“ додека се подготвувал да се качи во авионот. Вториот осомничен е уапсен во регионот на Париз. Двајцата се веќе познати на полицијата по кражби.
Детективите што го истражуваат грабежот откриле докази што сугерираат дека станува збор за „внатрешна работа“. Извори блиски до истрагата наведуваат дека дигиталните форензички докази покажуваат дека еден од обезбедувачите бил во контакт со осомничените пред грабежот, и се верува дека бандата однапред добила чувствителни информации за безбедносниот систем на музејот, пишува The Telegraph.
Користејќи камион со кран, крадци облечени во жолти елеци и носејќи мотоциклистички кациги скршиле прозорец што водел до галеријата Аполо, ризница каде што се изложени француските крунски скапоцености. Со помош на брусилки, тие ги отуѓиле кралските богатства што некогаш им припаѓале на француските владетели, вклучувајќи ја и царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.
„Постојат дигитални форензички докази што покажуваат дека имало соработка помеѓу еден од обезбедувачите на музејот и крадците“, рече изворот. „Чувствителни информации за безбедноста на музејот биле пренесени, поради што биле свесни за дупката во системот“. Се верува дека доказите вклучуваат снимки и пораки, но крадците сè уште не се идентификувани, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис