Економија
Средбите во Давос ќе имаат придобивки во повеќе сектори
29.01.2026г
Билатералните средби со највисокото раководствата на компанијата „Филипс“ за Европа, третиот мобилен оператор „Фор ај џи“ и Светката енергетска асоцијација, на кои биле соопштени придобивките од тие сектори, се дел од активностите на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос.
Тој денеска, одговарајќи на прашање на пратеничката Драгана Арсова од ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание, нагласи дека в година во Давос треба да има поголемо присуство на македонската бизнис-делегација бидејќи смета дека бизнис-средбите се суштински и значајни на тој настан.
На средбата со највисокото раководство на „Филипс“ за Европа тој нагласи дека бил запознаен оти со набавката на медицинска опрема постоела можност за грант од најмалку 35 отсто.
- Како Влада, имаме намера да правиме мапирање на потребите на здравствените установи на целата територија на државата во делот на инструменти и опрема. А цениме дека „Филипс“ е една од водечките светски компании, која од свое производено портфолио може да испорача светски квалитетна, современа опрема, за да ги задоволи потребите на нашите здравствени установи. И ако не беше таа средба, ние немаше денеска да го знаеме фактот дека најмалку 35 отсто може да биде грант од вкупната вредност на опремата што тие би ја испорачале. Значи, ако нешто чини 100 парички, минимум 35 парички ќе ни биде грант за нашите здравствени установи од производната гама на светски познатиот бренд „Филипс“ - истакна Мицкоски.
Во Давос, посочи тој, бил запознаен и со придобивките од третиот мобилен оператор „Фор ај џи“.
- Трет мобилен оператор значи конкуренција, пониски цени, поголем квалитет и многу придобивки за граѓаните. Покрај тоа, минимум 100 милиони евра ќе биле инвестирани. Тоа значи стотици добро платени нови работни места и поголема конкуренција - рече Мицкоски.
На Светскиот економски форум во Давос, посочи, биле истакнати и темите за енергијата и вештачката интелегенција.
- Општество што нема ова да го препознае и нема да го имплементира е осудено на пропаст, нема да биде конкурентно, ќе нема економски развој, приходи во буџетот, ќе нема ни за земјоделци, образование, здравство, за ништо. И тоа е многу важно. За вештачката интелигенција да работи соодветно и да понуди услуги за граѓаните и за економијата и, генерално, во општеството, потребно е да имаме дигитална демократија, дигитално општество и да имаме дата-центри со робусни, моќни компјутери, кои се континуирано напоени со струја. Тоа значи дека ќе биде потребно да се изградат нови производи капацитети за електрична енергија - рече Мицкоски.
Светскиот економски форум во Давос и Минхенската безбедност конференција за Мицкоски се приоритетни настани, на кои треба да учествува премиерот на државата.