Економија
Косово и Албанија ќе остварат највисок просечен раст во земјите од Западен Балкан, прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии
22.10.2025
Наспроти тековните геополитички ризици, економиите на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЕ) покажуваат релативно „робустен“ раст. Шесте земји од Западен Балкан, продолжуваат да бележат добри резултати, со просечен раст од 2,5 проценти во 2025 година и 3,4 проценти во 2026 година. Србија ќе доживее пад на растот во 2025 година на само два проценти. Ова е најниската стапка на раст меѓу балканските земји за годинава, се наведува во новата есенска прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во која се опфатени 23 земји.
Севкупно, Виенскиот институт предвидува просечен раст од 2,2 проценти за земјите-членки на ЕУ во регионот во 2025 година. Во 2026 година, растот треба да се забрза на 2,6 проценти. Ова значи дека овие земји веројатно ќе го продолжат својот процес на економско заокружување и оваа и следната година, растејќи значително побрзо од Еврозоната, која ќе оствари раст од 0,9 проценти во 2025 и 1,4 проценти следната година.
Земјите од Вишеградската група - Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, како и Словенија, ќе се прошират за просечно 2,5 проценти во 2025 година, а нивниот раст ќе се забрза на 2,9 проценти во 2026 година. Полска останува лидер меѓу источните членки на ЕУ, со економски раст од 3,5 проценти и во 2025 и во 2026 година.
Хрватска и Бугарија следат со раст од околу три проценти оваа и следната година. Турција ќе расте релативно силно и оваа и следната година (годинава со раст од 3,4 проценти и 3,9 проценти во 2026 година).
Прогнозата за следните две години е малку пооптимистичка за српската економија, која би можела да расте со стапка од 3,5 проценти во 2026 година и цели четири проценти во 2027 година. Просечнуиот раст на БДП за Македонија во периодот 2025-2027 година ќе изнесува три проценти, за Босна и Херцеговина се предвидува раст од 2,6 проценти, за Црна Гора за 3,3 проценти, Албанија со раст од 3,8 отсто и Косово ќе оствари просечен раст од 3,9 отсто, пренесува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис