Економија
ВО ЕУ ПОВЕЌЕ РЕГИОНИ СЕ ИЗЛОЖЕНИ НА РИЗИК ОД СИРОМАШТИЈА, меѓу нив и главниот градски регион Брисел во Белгија
18.10.2025
Повеќе од една петтина од населението на Европската Унија било изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во 2024 година, според податоците објавени во петок од страна на Европскиот завод за статистика, Евростат.
Пет региони регистрирале стапки кои биле повеќе од двојно поголеми од просекот на ЕУ, при што францускиот прекуокеански регион Француска Гвајана имал најголем удел од 59,5 проценти. По него следуваат јужноиталијанските региони Калабрија и Кампанија, со 48,8 проценти и 43,5 проценти, како и шпанските автономни региони Мелила и Сеута, каде што повеќе од четири од десет лица биле во оваа категорија.
Вкупно, 25 региони имале најмалку една третина од населението изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Овие региони се главно концентрирани во Грција, Бугарија, Шпанија, Италија и Романија, како и во француските прекуокеански територии.
Во оваа група биле вклучени и два западноевропски урбани региони, главниот градски регион Брисел во Белгија и Бремен во Германија.
На другиот крај од скалата, 26 региони регистрирале стапки на сиромаштија или социјална исклученост под 12,5 проценти. Меѓу нив беа седум региони од северна и централна Италија, вклучувајќи ја и Автономната покраина Болцано (на границата со Австрија), која имаше најниска стапка во ЕУ од 6,6 проценти.
Шест од осум региони во Чешка пријавија стапки под истата граница, вклучувајќи го и Јихозапад, кој имаше трета најниска стапка во ЕУ од 8,8 проценти.
Други региони со релативно ниски стапки вклучуваат три региони во северна Белгија (Влаамс Гевест), три во Австрија, два во Полска, северозападниот унгарски регион Кежеп-Дунантул, како и главните градови на Хрватска, Романија, Словенија и Словачка, пренесува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис