Вести
Србија е заинтересирана за „развојот на руската револуционерна вакцина против онколошки заболувања“
17.10.2025
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград разговараше со руски истражувачи за „развојот на револуционерна вакцина против онколошки заболувања“.
„Србија е заинтересирана за овој најнапреден вид терапија и потенцијалната соработка во оваа област со нашите руски партнери претставува огромен чекор кон подигнување на стандардите за дијагностика и лекување во нашата земја“, напиша тој на Инстаграм.
Тој во Белград разговараше со директорот на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ Александар Гинцбург и генералниот директор на Националниот медицински истражувачки центар за радиологија Андреј Каприн, и ја оцени средбата како одлична.
Додаде дека за Србија, инвестирањето во брз и сигурен пристап до најсовремените решенија во областа на онкологијата е еден од приоритетите.
„И затоа ја изразив целосната подготвеност на нашата земја за континуирана соработка што може да придонесе за развој и евентуално производство и примена на оваа вакцина во нашата земја, почитувајќи ги највисоките светски стандарди во однос на безбедноста и етиката“, објави МИА.
Фото МИА