Економија
Инвестиции во кадар и одржливо рударство во фокусот на излагањето на Ивица Карапетров на Подекс-Повекс ’25
13.10.2025г
На шеснаесеттото стручно советување со меѓународно учество „Подекс-Повекс ’25“, кое ги обедини највлијателните имиња од рударската и геолошката фела, особено внимание предизвика панел-дискусијата посветена на „Патот кон одржлив развој во рударството“.
Ивица Карапетров, заменик генерален директор на рудникот за бакар „Бучим“, со проф. д-р Зоран Панов и Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини, Цементарница „Усје“, дискутираше за визијата за новата ера на рударството, онаа во која технологијата, одговорноста и луѓето стојат рамо до рамо.
Ивица Карапетров: Одржливото рударење е идеологија на водење бизнис, не само документ: „Би почнал од тоа да дефинираме што е одржливо рударење. Јас би го дефинирал вака – тоа е одговорно, рационално и профитабилно експлоатирање на минералните ресурси со минимален импакт врз животната средина, водејќи сметка за идните генерации.Не се работи тука за документи, туку за идеологија на водење бизнис, идеологија на носење одлуки и решенија. Дали одржливото може да биде профитабилно? Може – и мора. Но, потребно е време. Потребна е промена на свеста – кај стручната фела, кај раководство, кај среден менаџментот и кај секој вработен. . Зборуваме за профитабилно и рационално рударење. Ако не е профитабилно – ќе се затвори, тоа е реалноста на бизнисот.
Но, одржливоста не започнува и не завршува со рудниците. Таа мора да биде присутна и кај изведувачите, подизведувачите, добавувачите, работниците и локалната заедница. Одговорноста е заедничка – не треба да се вперува прст само во рудниците, затоа што одржливиот развој се гради заедно, преку соработка, разбирање и заедничка посветеност. Само така сите ние можеме да бидеме дел од решението, а не од проблемот.“
Во своето излагање, тој истакна дека традиционалното рударство не може да биде целосно одржливо, но може да биде порегенеративно. Секоја фаза мора да создава нова вредност, преку рекултивација на теренот, повторна употреба на водата и долгорочна грижа за заедницата.
Тема која се наметна во дискусијата е недостигот на квалификувана работна сила и потребата да се инвестира во образованието и поттикнување на младите да влезат во оваа индустрија.
„Бучим“ се позиционира и како општествено одговорен работодавец, кој активно инвестира во човечки капитал, преку стипендии за студенти, дуални програми со факултетите, вработување млади инженери и поддршка на образовни иницијативи во локалните заедници. “ рече Карапетров
Советувањето на кое присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини беше одлична можност за размена на искуства меѓу реалниот рударски сектор и академската заедница, простор за дискусија на актуелни теми и за поставување на визијата за иднината на индустријата во целина.