Економија
Производите за вештачка интелигенција ќе ја зголемат светската трговија
09.10.2025
Обемот на трговијата со стоки ќе се зголеми за 2,4 отсто годинава, главно поради стоки поврзани со вештачка интелигенција и зголемен извоз во Соединетите Американски Држави пред воведувањето повисоки тарифи, проценува Светската трговска организација (СТО).
Сепак, влијанието на американските тарифи ќе го намали растот на трговијата со стоки за следната година, на 0,5 отсто.
„Светската трговија со стоки ги надмина очекувањата во првата половина од 2025 година, како резултат на зголемената потрошувачка на производи поврзани со вештачка интелигенција, зголемениот увоз во Северна Америка пред зголемувањето на тарифите и силната трговија со остатокот од светот“, соопштија од СТО по објавувањето на својата најнова прогноза.
Организацијата ја зголеми својата прогноза за раст на трговијата оваа година на 2,4 отсто, додека во август проценката беше 0,9 проценти, објавува француската новинска агенција АФП.
Од друга страна, значително ја намали својата прогноза за раст на трговијата за следната година - од 1,8 отсто во август на 0,5 проценти. Како што предупреди СТО, ефектите од американските тарифи ќе почнат да се чувствуваат следната година.
СТО предвидува раст на глобалниот бруто домашен производ од 2,7 проценти оваа година и 2,6 проценти во 2026 година, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис