Сите камиони и автобуси увезени во Соединетите Американски Држави ќе бидат предмет на царина од 25 проценти почнувајќи од 1 ноември, изјави неделава американскиот претседател Доналд Трамп ,што претставува значително зголемување на неговите напори за заштита на американските компании од странска конкуренција.
Минатиот месец Трамп изјави дека увозот на тешки камиони ќе биде предмет на нови царини од 1 октомври од причини поврзани со националната безбедност, велејќи дека новите царини се воведени за да се заштитат производителите од „нефер странска конкуренција“ и дека овој потег ќе им користи на американските компании, објави Ројтерс.
Како дел од трговските договори со Јапонија и Европската Унија, Соединетите Американски Држави се согласија на царини од 15 отсто за лесни возила, но не е јасно дали таа стапка ќе се однесува на поголеми возила (од камиони за достава, камиони за ѓубре, комунални возила, автобуси за јавен превоз, шатлови и училишни автобуси, до камиони за влечење и тешки возила за специјални намени).
Трговската комора на САД претходно го повика Министерството за трговија да не воведува нови царини за камиони, истакнувајќи дека петте главни извори на увоз се Мексико, Канада, Јапонија, Германија и Финска, „сите сојузници или блиски партнери на Соединетите Американски Држави кои не претставуваат закана за националната безбедност на САД“, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис