Бизнис

Поради пожарите се намалува и производството на мед, Фестивал на медот во Прилеп

По 16-ти пат, традиционално, во чест на празникот 11 Октомври во центарот на Прилеп се одржува Фестивалот на медот. Од денеска па до 11 октомври медарите од Прилепскиот регион ги презентираат пред граѓаните медот и повеќето пчелини производи како најздрав вид на храна за што треба да се зголемат навиките за конзумирање.

-Целта е даги доближиме до конзументите медот и пчелните производи, да им укажеме на граѓаните, потрошувачите за хранливите вредности на медот, како,во кои дози да се конзумира за да се искористат сите предности на овој вреден производ, вели Дејан Бошкоски, претседател на пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп.

Во Прилепскиот регион се околу 150 пчелари, а во здружението се 70-тина членови. Годинава се оценува како просечна за производство на медот. Влијаат многу климатските промени како и намалувањето на сточарството. Државата за да го поттикне производството треба да го зголеми субвенционирањето.

-Годината е просечна за приносите на мед. Имавме есенски, односно зимски загуби. Ако треба да оценуваме, оценката е 3 или 4. Бројот на пчелари се намалува, дури се преполовува. На тоа влијаат иселувањето, елементарните непогоди, намалувањето на сточарството, а и пожарите го земаат својот данок. Помошта од државата е мала, само 600 денари субвенции. Бараме да се зголемат субвенциите, зашто и тоа е еден од главните фактори за намалувањето на пчеларството како гранка, објаснува Бошкоски.

Пчеларот Тони Јовески живее само од пчеларството, но мора да се има голема грижа за пчелите и  одговорност за да биде исплатливо.

- Професионално се занимавам со пчеларство. Со семејството чуваме околу 240 пчелни семејства.Произведувам производи од восок, мед, полен, прополис,од матичен млег. Претежно пласирам на македонскиот пазар. Од пчеларството може да се живее, но треба поголема одговорност, сите постапки треба да бидат навремеи дасе внимава со пчелите, зашто последните 15-тина години може често да се случи пчелите да ги снема во сандаците, едноставно да угинат. Треба да се зголеми маркетингот за продажбата на медот и на пчелините производи, вели Јовески.

Македонија сѐ уште не е голем конзумент на медот. Годишно се трошат еден до два килограми мед по жител, а во европските земји по 8 до 10 килограми.

Пчеларите предупредуваат на нелојална конкуренција и продажба на лажен мед во маркети.

На отворањето на манифестацијата на плоштадот „методија Андонов Ченто“ најмладите од Прилеп изведоа пригодна програма и се запознаа со предностите и корисноста од конзумирањето на медот.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано