Економија
Како кризата во Франција ќе влијае на економските релации со Германија?
09.10.2025
Франција е во најтешката политичка криза во последните неколку децении, а тоа може да се одрази и на економските релации во Европската Унија и посебно со Германија. Сепак, владата во Берлин се обидува да остане смирена, додека Гинтер Крихбаум, државен секретар за европски прашања во германското Министерство за надворешни работи, предупредува дека „во овој момент да не се драматизира“ со случувањата во Париз.
„Германско-француското пријателство останува сигурна константа во Европа. Блиски консултации меѓу политичарите и институциите на нашите земји се одвиваат на сите нивоа на меѓувладина соработка; сегашната ситуација не го менува тоа“, изјавил тој во разговор за Дојче веле.
Со оглед на високиот јавен долг на Франција, кој е околу 115 проценти од БДП, и дефицитот од 5,8 проценти, земјата е принудена драстично да ги намали јавните трошоци за следната година, без оглед на тоа која влада е на власт.
Гинтер Крихбаум од германското Министерство за надворешни работи, не мисли дека ова е проблематично за еврозоната.
„Франција е стабилна земја. Во последните три години, нејзината економија, за разлика од нашата, дури и забележа раст. А благодарение на инструментите развиени во претходните години, целата Еврозона е поотпорна од кога било досега“, вели Крихбаум.
Во Германија, податоците за јавниот долг и дефицитот се сè уште значително поповолни, но поради новите, големи долгови, Германија ќе мора да плаќа многу поголема камата во иднина. Канцеларот Мерц веќе го подготвува населението за болни заштеди и „повеќе работа“, објави Дојче веле.
Фото Економија и бизнис