Вести

Прилеп домаќин на 15. Поетски слем Македонија

Со промоции, изложби и поетско-музички перформанси, од 9 до 12 октомври во Прилеп ќе се одржи 15. издание на националната манифестација „Поетски слем Македонија“, во организација на Театарска работилница – Прилеп.

Фестивалот ќе започне вечерва во 20 часот во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ со настанот „Поетски двобој: Есенин vs Мајаковски“, а истиот ден ќе биде отворена и изложба-инсталација на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш во кафе-галеријата „Лувр“.

Како што информираат организаторите, околу триесетина слем-поети од цела Македонија ќе се натпреваруваат за титулата национален претставник, меѓу кои и нови имиња како Бобан Богатиновски, Валерија Дамчевска, Вероника Ризеска, Виктор Спасески и други.

Минатогодишниот победник Матеј Петров ќе настапи ревијално, а годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство.

На 10 октомври, поетите ќе рецитираат низ центарот на Прилеп, а вечерта ќе се одржи слем-полуфинале во киното „Мис Стон“. Третиот ден ќе понуди работилници, промоции на книги, слем-кафе и настап на белгискиот слемер Кевин Амсе, кој ќе чита на фламански и холандски, со македонски препев од Ели Пујовска.

Финалето е закажано за 11 октомври во 20:30 часот на летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“, а вечерта ќе заврши со концерт на „Пијан Славеј“. На 12 октомври, фестивалот ќе се затвори со поетско читање во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат промовирани и две нови книги: „15 години Поетски Слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано