Економија
КОЛУМНА | Влатко Сулев: Субвенции за туризам ДА! Но и дефинирани мерливи ефекти
06.10.2025г
Субвенциите во туризмот не се нешто ново, нешто што не е практикувано. Веќе одамна не се поставува прашањето дали се потребни, туку кон што ќе се насочат, и како ќе го мериме ефектот и придобивките. Дали субвенциите ќе се спроведуваат по стандарди, независно и принципиелно.
Туризмот е еден од нашите најзначајни економски сектори, двигател на локалниот развој, работодавач во руралните и урбаните средини, амбасадор на нашата култура и земја. Од него комплементарни ефекти имаат најмалку 15 секундарни сектори: винарии, ресторани, занаетчиски работилници, превоз, сместувачки капацитети, музеи итн. Но она што е најважно тој создава нови работни места, интересни за младите луѓе. Туризмот кога би бил развиен, најдиректно би придонел за задржување на младите луѓе во земјава.
А за да продолжиме да го развиваме туризмот, потребна е државна поддршка! Да, потребни се субвенции - јасни, правични и ефективни, субвенции по стандарди. Насочени кон долгорочен раст, фер конкуренција и вистински економски ефекти.
Субвенциите за авио летовите веќе носат придобивки, и тоа е за пофалба, а се надевам дека некој по извесно време ќе излезе со анализа колку е вложено, а колку од нив имаме добиено во конкретни бројки. Евидентно е дека станавме поотворена и подостапна дестинација, нашите граѓани почесто може да патуваат во странство, но и уште повеќе странски туристи да дојдат во земјава.
Но, за да бидат навистина ефикасни, субвенциите мора да се комбинираат со стратешки промотивни алатки што ќе ја зголемат видливоста и привлечноста на дестинацијата.
Субвенциите се јавни пари. Затоа, мора да постојат механизми за проверка на потрошените средства и санкции за злоупотреби. Потребна е контрола и отчетност. Секоја фаза од распределбата на средствата треба да биде отворена за јавноста – од апликација до исплата. Да постојат јасни критериуми, и секој што сака да аплицира, однапред да знае кои се условите: колку туристи, од кои пазари, со колку ноќевања и што се друго се очекува да се постигне.
Реченицата „предизвикавме интерес“ не е метрика, а без мерливи резултати се е импровизација. Што значи „мерлив ефект“? Број на нови туристи (кои инаку не би дошле), остварена потрошувачка по турист (директен економски ефект), должина на престој, колкав приход е остварен во туристичката и другите поврзани индустрии? Колкава е реалната придобивка за економијата? Поврат на инвестиција (ROI) од субвенцијата! Ако сакаме вистински развој на туризмот, мора да поставиме стандарди што важат за сите, еднаш засекогаш.
Субвенции ДА! Но само ако водат кон системски развој, нови пазари, зголемен квалитет и раст на целата туристичка индустрија.