Бизнис
САД воведуваат царини од 107 проценти за италијанските тестенини
06.10.2025
Соединетите Американски Држави објавија дека ќе воведат царини од 107 проценти за италијанските тестенини од 1 јануари 2026 година, што би можело сериозно да го загрози еден од најважните сектори на италијанскиот извоз.
На веќе постоечката царина од 15 проценти за тестенините од Италија, американската администрација планира да додаде уште 91,74 проценти, наведувајќи ги обвинувањата за дампинг против италијанските производители, кои веќе беа предмет на истрага од страна на Министерството за трговија на САД, пишува италијанскиот весник Соле.
Ваквите истраги ги спроведуваат американските власти речиси секоја година, на барање на домашните производители на тестенини, но дополнителните царински давачки досега ретко надминувале два проценти. Овој пат, сепак, за периодот помеѓу 1 јули 2023 година и 30 јуни 2024 година, беа утврдени просечни маржи на дампинг од речиси 92 проценти.
Новите царини ќе важат за сите извозни компании на тестенини во Италија, освен делумно за оние што веќе имаат производство во САД, информира италијанскиот весник.
Министерството за надворешни работи на Италија соопшти дека го следи случајот, а италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида, рече дека одлуката на Соединетите Американски Држави е „хиперпротекционистичка мерка без никакво оправдување“.
Италијанската прехранбена индустрија годишно произведува повеќе од четири милиони тони тестенини, од кои дури 60 проценти се извезуваат, а само американскиот пазар вреди околу 700 милиони долари годишно, додека вкупниот годишен приход на секторот е 8,7 милијарди евра, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис