Бизнис

Бизнис дијагностиката е во функција на подобрување на конкурентноста на компаниите

Митко Јовановски

Бирократските пречки  и честите законски промени, правната несигурност, ограничен пристап до финансии, недоволна информираност за нови извори за финансирање, недостаток на знаења и примена на нови технологии, се најчестите пречки за растот на бизнисите на малите и средни претпијатија во Македонија. Ова се резултатите од анкетата на учесниците на  денешната четвртата Годишна соларна конференција на Здружението за сончева енергија, Солар Македонија, која се одржа во Скопје.

На конференцијата на која учествуваа над 220 претставници од компании  од земјата и странство од секторот на обновливи извори на енергија,  беше спроведена и првата панел дискусија за важноста од примената на бизнис дијагностиката во подобрување на конкурентноста и продуктивноста на компаниите, а која се одржа во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација. 

Модераторот на панел дискусијата Олимпија Христова Заевска од ЕЛСОН,  посочи на клучните придобивки од примената на моделот на бизнис дијагностиката во подобрувањето на конкурентноста на компаниите и подобрување на продуктивноста, продажбата, како и во подобрување на визијата и стратегијата на малите компании, подобрувањето на организацијата, како и во маркетингот и продажбата.

Ирина Аврамска Пашовска од Финовеит. Посочи дека бизнис дијагностиката се однесува на подобрување на бизнис и оперативниот модел во компаниите, преку градење на системски преглед на компанијата со детална анализа на сите клучни процеси.

- Во повеќето компании претежно се посветува внимание на производниот и финансикиот фактор, но без доволно да се фокусирани на ефикасноста од трошењето, кој претставува и можности за заштеди и нови финансиски приходи. Бизнис дијагностиката опфаќа собирање и анализа на податоците од производството, финансирањето и продажбата  и нивна анализа, која се насочува во подобрување на конкурентноста на компанијата, изјави  Аврамска Пашовска.

Христијан Ковачевски од компанијата Унипласт, го пренесе искуството од примената на бизнис дијагностиката и нагласи дека таа дава резултати во решавањето на проблемите во делувањето на компанијата.

- Користењето на бизнис дијагностиката дојде во одличен момент и преку неа се видоа лошите  практики во организацијата и во недоволната примена на дигиталните алатки. Решавањето на проблемите е долготраен процес и потребни се и инвестиции, но бизнис дијагностиката дава јасна слика за работењето на компанијата да донесе информирани одлуки за инвестирање, изјави Ковачевски.

Стефан Трајков од Солар Македонија се осврна на тоа дека бизнис дијагностиката помага на компанијата како да се постави на пазарот и како да ја откријат својата конкурентска предност во давањето на услугите, за што беше потребно да се извршат дополнителни обуки за соларните монтажери.

Здружението за сончева енергија, Солар Македонија денеска ја одржа четвртата Годишна соларна конференција, чија цел е информирање за најновите информации од енергетскиот сектор, најдобри практики од регионот како и информации за технологиите кои се достапни на пазарот со цел постигнување на најголема ефикасност.

Конференцијата  ја отвори претседателот на здружението Илија Насов, кој говореше за успашната работа во изминатата година, кога беа спроведени повеќе активности. Насов искажа задоволство од зголемување на бројот на учесници на денешната конференција, а посебно во спроведувањето на обуките за вработените во РЕК Битола, во која се одвива процесот на енергетска транзиција и примената на обновливите извори на енергија.

Воведно излагања  имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери  додели и благодарница за успешната соработка помеѓу Енерџи Ки Експо во Римини и Солар Македонија.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано