Вести
„Се разбира дека ќе нема данок за немажени и неженети“, вели Мицкоски
06.07.2025
Се разбира дека нема да има данок за немажени и неженети, изјави премиерот Христијан Мицкоски, наласувајќи дека целта била да се поттикне јавна дебата и изразувајќи исклучителна загриженост за демографската рецесија во Македонија последните години.
- Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина... Ајде сите заедно да работиме да ни се раѓаат повеќе дечиња, да ни се полни училиштата, за побогата економија, за побогата Македонија, за поуспешни спортисти... природно е тоа, изјави Мицкоски.
Факт е, нагласи Мицкоски, дека имаме рецесија од 30 проценти на новородени бебиња во Македонија од 23 илјади во 2016 година, на 16 илјади во 2024 година. Бројот на новосклучени бракови, пак е намален за 17 проценти во три години, од нешто повеќе од 13 300 брака во 2021 година, на 11 100 во 2024 година.
Тој како пример ја посочи Јужна Кореја, една од најбогатите светски економии, со најнизок фертилитет во светот која има потрошено 270 милијарди долари во последните 15 години за да стигне стапка на фертилитет од 0,75 проценти.
- Не е до финансиите, до срцето и главата е. До желбата и до умот и затоа, треба од најмлади да работиме за децата и затоа инсистирам во читанката да биде поим за семејство јас, мама, тато, бато и дада. Мора, ако сакаме да опстоиме и како народ, и како нација и како држава тоа е иднината и мора да се бориме, порача Мицкоски.
Според Мицкоски, состојбата е иста и во Грција, Германија, Полска ... и повика сите заедно да работиме за ова да не ни се случи.
Официјално премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната седница на Извршниот комитет што се одржа во седиштето на партијата во Скопје денес го назначи актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, да биде кандидат за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори што ќе се одржат во октомври.
Извор/фото МИА