Вести
Трамп ќе ја надгледува големата воена парада во Вашингтон
14.06.2025
Голема воена парада се одржува денес во Вашингтон по повод 250-годишнината од американската армија, а настанот се совпаѓа со 79-тиот роденден на претседателот Доналд Трамп. Организаторите очекуваат присуство на околу 200.000 граѓани, а настанот се одвива со строги безбедносни мерки, објавија локалните медиуми, додавајќи дека бројни протести против политиките на Трамп се најавени истовремено низ целите Соединети Држави.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ja надгледува голема воена парада во Вашингтон на истиот ден кога се планирани протести низ целата земја.
Настанот вклучува над 7.000 униформирани војници, десетици тенкови и воени возила, плус марширачки оркестри и огномет, а би можел да чини до 45 милиони долари (околу 39 милиони евра). Дел од буџетот ќе оди за поправка на улиците во Вашингтон, кои не се изградени за тенкови и други тешки оклопни возила.
На парадата учествуваат 150 воени возила и 50 авиони, вклучувајќи хеликоптери „Апачи“, „Блек Хок“ и „Чинук“, како и историски авиони од Втората светска војна, како што се бомбардерот Б-25 и ловецот П-51 Мустанг, пренесува Блиц. Воената парада се одржува околу Националниот мол, каде што се наоѓа и споменикот на Вашингтон.
Последниот пат кога воена парада се одржа во САД беше во 1991 година за време на поранешниот претседател Џорџ Буш постариот, со што се одбележа крајот на Заливската војна.
Во меѓувреме, протести против администрацијата на Трамп се одржуваат во повеќе од 1.500 градови низ САД, објави BBC News.