Вести

Пазарувањето во Албанија се подалечно за македонските граѓани

До пред некоја година македонските граѓани одеа во соседна Албанија на пазарување, затоа што економските околности тоа го дозволуваа. Сега ситуацијата се повеќе се менува во спротивна насока. Јакнењето на албанскиот лек во однос на конвертибилните валути дополнително ги поскапеа производите и услугите за нашите граѓани кои одат во Албанија.

Градот Поградец се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на осум километри од македонско –албанската граница. До пред неколку години, многу од македонските граѓани на Охрид, Струга и околните места честопати одеа преку границата, на пазарење: овошје, зеленчук, други прехранбени производи, понекое парче облека, во многу прилики и само на еден ручек, па и на познатото трилече.

Дел од туристичката понуда на Албанија е и Поградец, кој од едно целосно заборавено место стана веќе пристојно гратче што забрзано се гради, проширува и на очиглед на сите станува препознатливо барем по одличната ресторанска понуда.

Уште пред десетина години на брегот на езерото беа отворени бројни ресторани, како во градот, така и во блиското крајбрежје, со интересна понуда на менијата, доста поразлична од онаа на македонската страна од езерото. Излезот на Албанија на море придонесе дел од понудата да бидат специјалитети од риба и морски плодови, нешто што во Охрид и Струга речиси и да не постои,  доколку и го има тоа, во најголем број случаи е смрзната риба, приготвена на континентален начин.

Во еден од најпознатите и најквалитетните ресторани во Поградец, порција специјалитет од морска храна чини од шест евра за паста со морски плодови до 12 евра за порција ракчиња, приготвени на најразличен начин (препорака пржени ракчиња завиткани во кадаиф во слатко-луткаст сос). Во истиот ресторан на самиот брег на езерото можете да јадете и охридска пастрмка, за која треба да издвоите 55 евра за килограм, што е слично со цената во нашите ресторани.

Порција бифтек или томахавк-кременадла чини 49 евра, што е прилично висока цена, но слични се цените на тие производи и кај нас, а во Поградец порциите се доста обемни.

Најчесто во Подградец престојуваат туристи што се на поминување. Оттаму и сместувањето е поевтино отколку преку езерото. Ноќевање во одлично уреден апартман за двајца може да се најде од 1.500 денари, додека во некој од хотелите во самиот центар на градот што нудат вистински комфор ноќевање за двајца изнесува 3.300 денари.

Денес цените во маркетите низ Албанија се од десет до 30 проценти повисоки отколку во Македонија. Млекото чини од 60 денари нагоре, млечните производи се 20 до 25 проценти поскапи отколку во Македонија, трпезно вино поевтино од 200 денари нема, месото до 15 проценти поскапо, месните производи и повеќе. Македонско пиво што го има на понуда и во акција на снижување е поскапо отколку кај нас.

Средствата за лична хигиена и за чистење се далеку поскапи отколку кај нас. Прашакот за перење е и до 30 проценти поскап отколку во Македонија. Слично е и со алкохолните пијалоци. Дури и пелетите за греење се поскапи, со цена од 350 денари за вреќа.

Цените на  градинарските продукти и овошјето се далеку пониски споредбено со пазарот во Охрид, ако воопшто како репер треба да се зема охридскиот кој секогаш е меѓу најскапите во Македонија.

Производите и услугите во Албанија во минатото беа далеку поприфатливи отколку што е тоа денес. До пред пет-шест години, за евро се добиваше и до 135 албански леки. Изминатите две три години албанската валута доста зајакна во однос на конвертибилните валути, така што денес за евро при размена во Албанија добивате сто леки. Цените на производите и на услугите генерално во сите држави од регионот растат, исто како и кај нас тоа се случува и во Албанија. Светските економски превирања се чувстуваат насекаде, поскапува се, од репроматеријалите, готовите производи, па се до услугите. Кога на сето тоа ќе се додаде се посилниот лек, тоа по автоматизам значи дополнителен раст на цените за сите туристи што доаѓаат во Албанија.

Ако некогаш се беше поевтино за нас во Поградец, денес тоа се сведува само на еден пристоен ручек по цена слична како кај нас и се уште само на овошјето и зеленчукот од локално производство, пишува во репортажата објавена на МИА.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано