Вести

Мицкоски: Европратениците кои се залагаат за вистинските европски вредности му дале шанса на Предлог-извештајот за земјава

10.06.2025

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека најголем дел од европратениците, пред се, оние кои се залагаат за вистинските европски вредности, му дале шанса на Предлог-извештајот за земјава, чие гласање Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 4 јуни беше одложени за 24-ти овој месец. Доколку не биде изгласан и тогаш, нагласи Мицкоски, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека не станува збор за внесување на неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест во Уставот, туку дека проблемот се посебниот македонски идентитет и македонски јазик. 

- Најголемиот дел од европратениците, оние кои вистински ги застапуваат европските вредности, одлучија да му дадат шанса на процесот и на 24 јуни повторно да биде на седница и ако не помине, ако повторно се одложи, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека проблем не се неколкуте стотини граѓани, кај нас, кои се дел од бугарската заедница да бидат во нашата Преамбула, туку дека се посебниот вековит македонски идентитет и македонскиот јазик. Тоа е суштината, тоа е проблемот, се останато нема никаква врска со реалноста, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје.

На предлог на известувачот Томас Вајц, АФЕТ на 4 јуни го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 24 јуни, со образложение дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

- Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, порача Вајц минатата недела.

Мицкоски денеска истакна дека извештајот во неколку наврати се споменува посебниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, што како што рече претходната Влада велеа дека тоа е формалност, но последните случувања во Европскиот парламент и реакциите на бугарските европратеници покажале дека тоа не е случај.


Извор МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано