Општество
МОСТ МЕЃУ ДУШИТЕ
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
Љубовта не е од овој свет и нејзината држава не е од овој свет. Учествувањето во политичките пресметки и фаќањето страна во внатрешно поделениот партиски свет на земјава не е за луѓето кои имаат љубов во себе. Тоа е за поделените, не е за секој.
Кога човек сѐ уште сака и мрази, кога некои луѓе му се мили, а други не − тој е поделен. Сѐ додека човекот има цврсти ставови за тоа што сака и што не сака, и кого сака, а кого не сака, тој не љуби потполно, не во целост. Тој е поделена личност, во себе има љубов и омраза, и кон себе, и кон блиските, и кон светот. Во грчкиот јазик тоа се вика схизофренија (шизофренија). Сите сме шизофреничари, во одредена мера. Оние кај кои овој раскол меѓу љубовта и омразата во личноста оди до крајни граници, одат во душевна болница. Тие не можат да сфатат дека оној кој го мразат се самите тие, а во „непријателот“ всушност се гледаат себеси. Луѓето што се сакаат, еве да речеме некои маж и жена, за нив е нормално да се караат и повремено да викаат еден на друг исто како што е нормално да се држат за рака и да се бакнуваат. Единствено што тоа го прават без злоба во гласот, туку со љубов.
Децата го знаат ова, возрасните − ретко кој. Ако искараш мало дете и му речеш дека е мајмун или гуска, кога тоа го правиш со љубов детето не плаче и е сосема мирно. Може и да се насмее бидејќи зборот го разбира како шега. А ако му кажеш „ела сонце ваму да те погалам“, а во срцето го прекоруваш и му се лутиш што ја скршило вазната или пикнало прсти во штекер, ти го лажеш и детето плаче или се јадосува. Децата го знаат ангелскиот јазик, а тој е содржан во мислата што е зад зборовите. Зашто децата се малку и ангели, нели?
Човек дури може и да пцуе, а тоа да е со љубов, и да подарува цвеќе, а тоа да е со омраза. Така многумина се лажат зашто веруваат чисто во зборовите. Зборот го има значењето што ни е во срцата, не она што е запишано како толкување во речникот. Тоа го разбираат и животните. Сите до едно, сосе змиите. Кучињата лаат на човек кој има немир во себе, особено на човек кој се плаши од кучиња или ги мрази. Затоа некого касаат, друг не. Кога родителите се во мир со себе и со брачниот другар детето е мирно и среќно. Кога тие се во поделеност и не се сакаат себеси и сопружникот докрај и децата им се поделени и фаќаат страни, се приврзуваат повеќе кон едниот или кон другиот родител, кон мајката или таткото или наизменично. Затоа е грдо кога двајца кои не се во љубов живеат заедно поради децата. Тие се разведени во душите, иако формално (според граѓанските закони) сѐ уште ја имаат хартијата на која пишува дека се во брак. Брачниот договор. На вистински брак не му треба хартија со потпис не само од матичар, дури ни од „црква“ зашто тој се случува внатре во човекот, во луѓето што го заклучуваат. И клучевите им се во срцата, прстените во душата, а бурмите што ги носат се само симболика, не се ништо особено, макар биле и од платина. Тие се ништо без патина.
На времето на една девојка ѝ подарив обетки, од срце, и тогаш не знаев дека ѝ ги подарувам за да ме слуша, да ги чуе и да ги разбере моите зборови зашто не се разбиравме како што треба.
Детето не им се радува на играчките што се подарени тукутака зашто се дар без љубов и не го допираат душичето. Тоа сака да ги искрши и ги фрла наземи и оставете го да ги крши и да ги гази, на детето му треба љубов, не играчки, скапи или евтини. А ако му купите нешто, со тоа не може да го купите детето, особено ако е мало. Родителот кој е често отсутен од дома и „нема време“ да се посвети на децата, кога ќе си дојде − им носи подароци. Играчката што му ја купувате треба да е погодена, а ќе биде ако знаете какво е детето и што му треба, а за да го знаете тоа треба да поминувате време со него, а не да го трошите животот во „бркање“ пари, божем морате поради фамилијата, па после сакате да надоместувате преку подароци. Исто е со мажите и со жените, не само со децата. И жената која го сака својот маж не му се лути и не го намразува ако тој ѝ подвикне, знае дека тоа е од љубов или дека е само моментална нервоза за која овој ќе се кае набрзо и ќе гледа да се извини. И мажот не ѝ се лути на жената која му се лути и го кара, „му се качува на глава“ од истите причини. Ќе се простат набрзо, во мерата на навредите што се изречени.
Во љубовта, ако викаме на саканиот − викаме на себе и ако го удриме саканиот − се удираме себеси. Така болат тие работи. Затоа е речено − свртете го другиот образ. И на навредата не одговарајте со иста мера, не удирајте и вие шлаканица оти тогаш сте мера според мера, око за око и заб за заб, а тоа е мерата на поделениот човeк, на шизофреникот.
Не навредувајте се и не лутете се ако се препознавате во шизофреничниот, јас тоа го велам зашто и јас сум таков во извесна мера. Инаку како би знаел?
Во љубовта никој не е под или над, само во љубовта луѓето се навистина еднакви. И нема богат и сиромав, учен и прост, поголем и помал, слуга и господар, тоа е поделеност и садомазохизам.
Љубовта е... љубов. И само таква може да биде. Мост меѓу душите. Видете ја буквата М и сè ќе ви се разјасни. Двајца стојат еден спроти друг со наведнати глави, ја ништат својата годрост, „егото“. Кога М ќе се оствари станува П, двајца еднакви еден спроти друг. Тие се заедно на патот, тоа е вистината и тоа е животот.