Интервјуа

Михаиловски: Четврт век лидерство на МКА 2000 во консалтингот – време е за нови предизвици

Интервју со Глигор Михаиловски, претседател на Менаџмент консалтинг асоцијација (МКА 2000)

15.05.2025г

Поводот за интервјуто со Глигор Михаиловски, претседател на Менаџмент консалтинг асоцијација (МКА 2000) се јубилејни 25 години промовирање професионални стандарди во менаџмент консалтингот. Михаиловски споделува увид во развојот на професијата, значајните достигнувања на МКА 2000 и клучните предизвици со кои се соочуваат консултантите денес. Од меѓународната сертификација CMC® до дигиталната трансформација и ESG стандардите, асоцијацијата останува двигател на иновации и стратешки партнер на институциите, компаниите и граѓанскиот сектор.

МКА 2000 на 30-ти мај 2025 година (петок) во хотел „Александар Палас“ во Скопје, со почеток во 09:00 часот, организира регионална тркалезна маса под наслов „Менаџмент Консалтинг – Вчера. Денес. Утре.“



Годинава МКА 2000 одбележува 25 години постоење. Што ве мотивираше да ја основате асоцијацијата и како се развиваше пазарот на менаџмент консалтинг во Македонија во тој период?

Менаџмент консалтинг асоцијацијата (МКА) 2000 е основана пред 25 години од искусни менаџмент консултанти кои ја согледаа потребата да се организираат во професионално здружение на консултанти. Од основањето до сега асоцијацијата има две цели. Првата цел е вмрежување и размена на идеи и пристапи, како и заеднички настап за деловни можности. Втората цел на здружението, која е подеднакво важна како и првата, е стандардизирање на дејноста менаџмент консалтинг. Имено, МКА 2000 е единствена лиценцирана организација во земјава со франшиза за стандардот за менаџмент консултант: Certified Management Consultant CMC®, кој е присутен во над 70 земји од светот, и постои од 1967 година.

Во изминатите две и пол децении, кои ги сметате за најзначајни влијанија на МКА 2000 врз оформувањето на професијата и нејзината препознатливост во деловниот и јавниот сектор?

Можам да истакнам повеќе елементи на влијанието кое МКА 2000 го има во подобрување на квалитетот на професијата менаџмент консултант/консултантка. Пред сé, задоволството од нашите клиенти од деловниот, јавниот и граѓанскиот сектор. Нашите менаџмент консултанти работат во овие сектори и даваат/обезбедуваат најразлични услуги, вклучително и коучинг и обуки. Три клучни промени кои ги гледаме последните години како резултат на делувањето на нашата асоцијација се: зголемување на бројот на жени-менаџмент консултантки, воведување на можноста за членство на правни лица како и препознавањето на CMC® од страна на деловниот и посебно јавниот сектор. Промовираме еднакви можности за жените и мажите, на пример минатата година избрана е жена секретар на организацијата, додека имаме и рамноправно учество на жените во управните тела.. Од минатата година како членки во асоцијацијата прифаќаме и правни лица – досега веќе во МКА 2000 имаме шест (6) консултантски куќи и организации.  Ова е важно затоа што промовираме консолидиран и сеопфатен пристап на консултантски услуги за клиентите. Сите промени влијаеа на зголемувањето на бројот на нашите членови и тоа за 300% во последните 2 години.