Кинескиот технолошки центар Шенжен се подготвува да биде домаќин на самитот на АПЕК, со светлосни спектакли со кои градот ги претставува своите технолошки можности и развој. Додека се очекува доаѓањето на светските лидери, вклучувајќи ги Доналд Трамп и Владимир Путин, властите воведуваат посебни правила што ќе важат за време на самитот. Мерките вклучуваат сообраќајни ограничувања, стимулации за користење на јавен превоз и препораки за вработените во врска со облеката.
Облакодерите на Шенжен се осветлени во различни бои, а фасадите на зградите прикажуваат подвижни слики од традиционални фигури, змејови и златен коњ. Светлосните спектакли се дел од подготовките на градот за самитот на АПЕК.
Сепак, за време на самитот во градот ќе важат посебни сообраќајни правила. Околу 1,5 милиони сопственици на автомобили нема да можат да ги користат своите возила, а за возврат ќе добијат картички во вредност од 15 долари што можат да ги користат за јавен превоз.
Употребата на сирени исто така ќе биде забранета, а властите ќе инсталираат камери со звучни сензори, кои ќе ги препознаваат возачите што ја прекршуваат оваа забрана. Автомобилите со регистарски таблички од други градови нема да можат да поминуваат низ градските населби, додека возачите на електрични велосипеди се замолени да не ги користат за време на самитот, а објавени се и одредени попусти.
Посебни препораки важат и за вработените. Работодавачите им предложија да не носат дуксери и маички со натписи на англиски јазик во текот на тие денови, со цел да се избегне можноста за појавување на непристојни пораки на облеката.
Самитот ќе се одржи во близина на езеро познато како езеро Хани. На таа област порано се наоѓал голем забавен парк, додека денес е финансиски центар.
Шенжен, исто така, ќе ја искористи оваа можност да го претстави својот технолошки развој. Еден пример е изгледот на метро станицата на градот, што покажува колку технологијата е присутна во секојдневното функционирање на градот.
Кога станува збор за пристигнувањето на државниците, мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум веќе пристигна во Шенжен, додека пред самитот се очекува пристигнувањето на други светски лидери, вклучувајќи ги Доналд Трамп и Владимир Путин, пренесува Еуроњуз,рс.
Фото Економија и бизнис








