ДЕНОВИВЕ КОНКУРС ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО РЕНОВИРАНИОТ ДОМ „КУЗМАН“

Од февруари, за  почетокот на вториот семестар, ќе почне сместувањето во реновираниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје, кој ќе има капацитет за 280 студенти. Министерството за образование и наука деновиве ќе го распише конкурсот за прием  на студенти.

-Ќе може да бидат сместени сите студенти што исполнуваат услови за да добијат сместување во студентски дом, изјави  министерката Весна Јаневска, која денеска, симболично по повод Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември, изврши увид во завршните активности во домот и, заедно со медиумски екипи, ги разгледа собите, мензата, кујната и други простории во реновираниот студентски дом. 

„Кузман“ и „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда, кој беше отворен на крајот од септември, се првите два од планот за етапна реконструкција на девет студентски домови во државата. За овие два дома сместувањето е со партиципација од 6.600 денари затоа што, според законот, тие се енергетски ефикасни објекти и во категоријата тип 1.

Задоволен од новиот изглед на домот „Кузман“, директорот на Државниот студентски дом „Скопје”, Александар Каровски, изјави дека условите се како во хотел.

-Условите се идеални, на ниво на хотелски.  И претходно кажав дека овие услови се најдобри во регионот и пошироко, рече Каровски.

Сите соби во студентскиот дом „Кузман“ имаат по еден кревет и исти услови, без  категоризирање како порано на соби за бруцоши и за студенти од погорни години и апсолвенти. Собите се опремени со кревет, плакар, работна маса и стол, мијалник, а по неколку студенти, со разлики во бројот, ќе делат тоалет и бања. Во домот има централно греење и ладење.

Реконструкцијата е помогната од Европската Унија и Германската развојна банка – KFW. Темелната обнова на првите два дома од сеопфатниот план траеше повеќе од две години.  Вкупната финансиска конструкција за реновирање на сите девет домови е 86 милиони евра. Од нив, 60 милиони евра се кредит, 22 милиони евра грант и 4 милиони евра вложени од  државата. Во вкупниот износ влегува и планираната реконструкција на сите училишта со ресурсен центар, за да бидат подобрени условите и за учениците со посебни образовни потреби. 

Јаневска потсети дека кредитот е обезбеден во 2018 година, а реконструкцијата  почна во 2024. 

-Овде беше почната веќе, имаше вовед во работите, а „Стив Наумов“ не беше ни почнат. За 2,5 години ги завршуваме двата дома. Очекувам некаде во декември да почнеме со изградба на седумте преостанати одеднаш, бидејќи сите тие се во разни градови. По завршување на студентските домови, ќе продолжиме со реконструкција на училиштата со ресурсни центри, затоа што тоа е исто една исклучително важна категорија на луѓе, деца со посебни образовни потреби, кои навистина треба да имаат соодветни услови каде што ќе се образуваат, а дел од нив и да живеат, додаде Јаневска. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано