Економија
Одбраната на Европа доаѓа преку заедничко задолжување
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 април 2025г.
Насилната појава на Трамп ја разбуди Европската Унија од нејзиниот долг геополитички сон, но сè уште гледаме дека освестувањето оди пребавно за денешните светски динамики затоа што светот лета, историјата се движи пребрзо и никого, ама баш никого не го чека.
Политичко-процедуралната бавност на Унијата на сите ни е предобро позната, особено нам кои сме во „чекалната“, но таа овој пат ризикува да се претвори во комплетна немоќ наспроти големите светски суперсили.
Вечниот мир сфативме дека не постои како што не постои ни европската одбрана, а токму на тоа поле ќе се одлучува егзистенцијалната судбина на Унијата. Досега се направија одредени позитивни чекори напред − како што се 150 милијарди евра заем од Фондот „Safe“ поврзани со проекти за заедничка одбрана и со купувањето европски производи. Се одлучи и да се дерогира Пактот на стабилност, но таа мерка нема сигурен исход и нема подеднакво да биде корисна за сите земји членки.
За Европа да биде подготвена за 5 години − имајќи предвид дека планот се именуваше „Readiness 2030“ − ќе бидат потребни многу похрабри чекори, односно ќе бидат потребни стотици милијарди евра кои би требало да произлезат преку заедничко задолжување.
Доцнењето на Европа е најмногу видливо во однос на состојбите во Украина. ЕУ во овие три години беше најголемиот финансиер на нападнатата земја со преку 138 милијарди во воена и во економска помош наспроти 95-те милијарди добиени од САД. Европа не може да си дозволи во Киев да се инсталира пропутински режим, ниту пак Русија да добие своја сфера на влијание во срцето на Европа. Европа подеднакво не може да зависи од одлуките и од каприците на телефонската линија меѓу Путин и Трамп. За таа цел, на Европа нема да ѝ биде доволна „Коалицијата на подготвените земји“, како што замислуваат Макрон и Стармер, и која Кремљ ја опишува како „воинствена закана“, иако е единствената сила која работи на праведен и на долгорочен мир. „Коалицијата на волја и подготвеност“ е нужна и е неопходна во овој момент, но таа е само сурогат на заедничката европска одбрана која сè уште не постои.
Во меѓувреме сме сведоци дека токму на прашањето поврзано со „одбраната“ почнува да се создава една сосема поинаква Европа од онаа што ја познаваме.
Потсетувањето дека Европа не смее да застане на овие први срамежливи чекори доаѓа токму од одлуките кои беа донесени овие денови во Германија. Историски одлуки, посакувани и брзо донесени од сè уште незаколнатиот премиер Мерц кој само ја апострофираше бавноста на Европа. Германија, ослободувајќи се од должничката сопирачка, сега има законско право да се задолжува, додека најавениот пакет е тежок еден трилион евра. Уште поважно, Германија се ослободува од своите морални сопирачки предолго (само)наметнати за повторно да не се претвори во воена сила. Парите ќе одат главно за воено-одбранбениот сектор, околу 500 милијарди, како и за инфраструктура, со што Германија ќе може да го рееквилибрира својот економски модел кој беше премногу извозно зависен.
Со тоа за Европа почнува една сосема нова историја која не може да се сведе само на ново германско вооружување, особено поради фактот што помалку рестриктивната економска и фискална политика на Берлин ќе ѝ дозволи на Германија да излезе од стагфлацијата и тоа воедно е добра вест и за европската економија и за сите земји кои зависат од германската економска машина. Тоа е многу важно во услови кога американскиот економски мотор се успорува, доларот ослабнува, а пазарите повторно се вртат кон Европа. Од ваквите промени корист ќе имаат и останатите големи европски земји како Франција, Шпанија и Италија, за кои флексибилноста на европските правила на буџетскиот дефицит нема да ги укинат финансиските ограничувања кои произлегуваат како последица на превисокиот јавен долг.
Промени гледаме и во Франција која, и покрај фактот што се наоѓа во една длабока внатрешна ранливост, пред сè на политички и на економски план, сепак, се повика на својата нуклеарна способност и ја понуди како средство за зајакнување на европската моќ на воено одвраќање.
Велика Британија го користи прашањето на одбраната како средство за повторно да се доближи до Европа и до ЕУ по годините осаменост како последица на Брегзитот. Премиерот Стармер се обидува да ги одржи во живот релациите со Вашингтон, но веќе знае дека поради нестабилноста и непредвидливоста на Трамп повеќе не може да смета на „специјалните односи“ со Америка.
Полска денеска е многу поважна и има многу поголема тежина од порано, особено поради фактот што за одбраната издвојува 5 % од својот буџет и има намера да создаде најголема европска копнена војска што е географски блиска до Источниот фронт кој настана како последица на руската агресија врз Украина. Блискоста до Русија, секако, има свое особено значење и анкетите покажаа дека зависно од тоа колку некоја земја е подалеку од Источниот фронт толку помалку вложува и троши за сопствената одбрана, со исклучок на Грција која тоа го прави поради Турција. Оттука Европа со право треба да стравува од нова поделба север − југ или запад − исток, па дури и запад − запад, каде што во овие моменти е видливо дека и самиот Запад е поделен за заедничките погледи.
Затоа сведоци сме како одбраната ја менува старата Европска Унија, каде што се менуваат економските и фискалните логики и се модифицираат политичките рамнотежи. Верувам дека тие промени во блиска иднина ќе влијаат на националните вета и на принципот на едногласност, кој е меѓу главните причини за спорото проширување на ЕУ.
Но, во овие моменти клучната и најважна одлука на ЕУ, доколку сака да создаде заедничка одбрана, доколку сака реализација на планот „Readiness 2030“ и доколку сака да не дојде до растечка нерамнотежа меѓу земјите членки, е да воведе заедничко задолжување за одбраната.
Емисијата на заеднички долг би требало да финансира заеднички воени мисии, заеднички одбранбени програми, кои на европско ниво би се интегрирале и би се урамнотежиле со НАТО-алијансата. Финансирањето на овие заеднички мисии преку заедничко задолжување би требало во вистинска смисла да биде „заеднички“, а не да се базир на проквоти за секоја од засебните 27 ЕУ-членки.
За разлика од, на пример „NextGenerationEu“ еврообврзниците, новите заеднички задолжувања не би имале превалентно редистрибутивна функција и финалност, туку заеднички би финансирале едно европско јавно добро, за доброто и во корист на сите. Вакво нешто на европско ниво веќе беше експериментирано за време на пандемијата и доведе до големата програма „Recovery“ која настана по месеци тешки преговори. Таквата идеја и денеска полека се наметнува како вистинско решение кај бројни европски влади и различните европски партиски групации.
Овие одлуки токму поради својата „егзистенцијална“ природа мора да се донесат сега и брзо. Европа, која се научи на 80-годишен мир и која војните во Југославија никогаш не ги доживеа како „европски“, сега е на голем тест, да разбере дека мирот мора да се однесува на цела „географска“ Европа и дека за да постои мир − мора да постои и одбрана.