Економија
Албанија го отвори кластерот за внатрешниот пазар во пристапните преговори со Европската Унија
15.04.2025
Албанија синоќа отвори кластер за внатрешниот пазар во пристапните преговори со Европската Унија.
На четвртата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ беше отворен кластерот 2, што ги опфаќа поглавјата 1 (слобода на движење на стоки), 2 (слобода на движење на работници), 3 (право на деловно престојувалиште и слобода на давање услуги), 4 (слобода на движење на капитал), 6 (право на комерцијални компании), 7 (законот на комерцијални компании), 7 (интелектуална сопственост), 2 (заштита на потрошувачите и здравјето).
Албански медиуми јавија дека еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференција синоќа изјави дека планот е до крајот на годинава да се отворат сите кластери, а следната година да се започне со затворање на поглавјата.
Албанија го отвори кластерот 6 (надворешни односи) во декември 2024 година и кластерот 1 (фундаменталните елементи) во октомври истата година.
Премиерот Еди Рама кој ја предводеше албанската делегација на овие разговори, составена од министри, заменици министри и раководители на сектори за соодветните поглавја, на социјалните мрежи доцна синоќа напиша: Горд на Албанија“ објавувајќи фотографија на која е заедно со Кос и делегацијата, на која е очигледна радоста на сите.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, доби кандидатски статус во 2014 година, а првата меѓувладина конференција ЕУ-Албанија беше одржана во 2022 година.
Отворањето на нов Кластер во преговорите за членство во Европската Унија е добра вест за сите жители на Албанија како идни граѓани на ЕУ и тоа е резултат на решеноста на албанските власти да ги спроведуваат реформите, истакна вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос по завршувањето на четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, на која беа отворени преговорите по Кластерот 2 „Внатрешен пазар“.
- Албанија е навистина успешна приказна за нашиот процес на проширување. Денеска направивме уште еден чекор кон членството на Албанија во ЕУ, но проширувањето за мене е повеќе од само додавање на уште една земја во ЕУ. Tоа е обединување на Европа, истакна Кос на заедничката прес-конференција во Луксембург со албанскиот премиер Еди Рама и полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Кос додаде дека за успехот на Албанија заслуги имаат и големиот број државни службеници во земјата кои секојдневно напорно работат на процесот на проширување, на постигнувањето резултати и на исполнување на задачите.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, еврокомесарката изрази надеж дека во текот на оваа година Албанија ќе ги започне преговорите и по преостанатите три кластери и веќе од следната година ќе започнеме со нивно затворање.
Според Кос, во денешно време кога царините и протекционизмот се враќаат во многу делови од светот, со отворањето на Кластерот 2 започнува уривањето на бариерите за трговијата и за компаниите од Албанија, на кои ќе им се овозможи да ги почувствуваат придобивките од единствениот европски пазар уште во текот на пристапниот процес.
- Полноправното членство на крајот ќе ги овозможи сите придобивки. Нашата цел и тоа да се постигне уште во мандатот на оваа Комисија, во 2030 година, додаде Кос.
Таа сепак потенцира дека за остварување на таа цел Албанија мора да продолжи со реформите во клучните области, како што се независноста на судството, борба против корупцијата, почитувањето на малцинските прашања и слободата на изразување.
фото МИА