Економија

ИНФЛАЦИЈАТА МОЖЕ ДА ОСТАНЕ ПОУПОРНА ЕВРОЗОНАТА Е ПОД ПРИТИСОК, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард

12.03.2025

Економијата на еврозоната се соочува со исклучителни шокови поврзани со трговијата, одбраната и климатските промени, кои би можеле да ја влошат нестабилноста на инфлацијата и да го зголемат ризикот зголемувањето на цените да стане подолго, изјави во средата претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

Овие фактори, според неа, ја оневозможуваат ЕЦБ однапред да ги најавува своите идни одлуки за монетарната политика, но истовремено бараат решително посветување на целта за инфлација од два проценти и јасна дефиниција за тоа како банката ќе одговори на различни економски шокови, пишува Ројтерс.

ЕЦБ ги намали каматните стапки шест пати од јуни, но минатата недела не даде јасен сигнал за идните потези, оставајќи ги инвеститорите  во неизвесност. Ситуацијата дополнително се комплицира со политиките на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кои ја поткопуваат традиционалната меѓународна економска соработка.

- Видовме политички одлуки кои беа незамисливи пред само неколку месеци, рече Лагард во Франкфурт.

Фрагментацијата на глобалната трговија може да доведе до поголеми промени на цените, додека зголемените трошоци за одбраната би можеле да придонесат за понатамошна инфлација.

Главниот предизвик за ЕЦБ е што инфлацијата реагира посилно на големите економски шокови отколку на помалите, што би можело да го направи зголемувањето на цените подолгорочен проблем. Таа предупреди дека таквите непропорционални скокови на цените, во комбинација со тековните механизми за одредување на платите, може да доведат до долгорочна инфлација.

- Ако овој начин на одредување на цените стане стандард во време на големи економски шокови, но фреквенцијата на прилагодување на платите не се зголемува со исто темпо, инфлацијата би можела да стане поупорна, објасни Лагард.

Таа изјави дека ЕЦБ не може да ветува дека инфлацијата секогаш ќе биде точно два отсто, ниту пак може да даде прецизни насоки за идната политика. Но, банката мора да ја обликува својата монетарна политика така што инфлацијата секогаш на среден рок ќе тежи кон целното ниво од два проценти, пренесува Бизнис.рс.


 

Фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО