Вести

Објавени детали од договорот меѓу Украина и САД, се чека рускиот одговор

12.03.2025

Министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров, кој учествуваше на состанокот со американската делегација во Џеда, ги објави деталите од договорот со САД.

- САД и Украина презедоа важни чекори кон траен мир за време на денешниот состанок во Џеда, Саудиска Арабија, одржан под покровителство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, изјави Умеров.

Двете страни ја пофалија храброста на украинскиот народ во одбраната на својата земја и се согласија дека сега е вистинскиот момент за почеток на процесот кон траен мир.

Украинската делегација изрази благодарност до претседателот Доналд Трамп, американскиот Конгрес и народот на САД за поддршката во постигнувањето напредок кон завршување на војната.

Украина ја потврди својата подготвеност да го прифати американскиот предлог за моментален, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, со можност за продолжување со заемна согласност на сите страни, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.

САД ќе ѝ пренесат на Москва дека заемноста е клучна за постигнување мир и дека ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки податоци, како и дека ќе ја обноват безбедносната помош за Украина.

Делегациите, исто така, разговараа за хуманитарните напори, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање од Русија на насилно одведените украински деца.

Договорено е двете страни да именуваат преговарачки тимови и веднаш да започнат разговори за долгорочен мир, кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина.

САД се обврзаа да ги презентираат овие предлози на претставниците на Русија, додека Украина нагласи дека нејзините европски партнери ќе бидат вклучени во мировниот процес.

На крајот, претседателите на САД и Украина се согласија што поскоро да склучат договор за развој на украинските клучни минерални ресурси, со цел зајакнување на украинската економија, надоместување на трошоците за американската помош и обезбедување на долгорочна безбедност и просперитет на Украина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека Европската Унија ја поздравува веста, нарекувајќи ја „позитивен развој кој може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина“.

Изјавата следува откако Украина денеска соопшти дека е подготвена да ја прифати американската иницијатива за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот по денешните мировни преговори во Џеда, Саудиска Арабија. 

Британскиот премиер Кир Стармер лидер „со задоволство“ ја поздрави веста од Саудиска Арабија.

- Ова е важен момент за мирот во Украина и сите треба да ги удвоиме напорите за што побрзо постигнување на траен и безбеден мир, изјави Стармер.

Тој ја повтори изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио дека сега  топката е кај Русите. „Русија сега мора да се согласи на прекин на огнот и крај на борбите“, додаде британскиот премиер, најавувајќи дека овој викенд ќе свика лидерска средба за да се утврдат „следните чекори“.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано