Економија
Може ли сиромашната да биде најбогата?
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.
Премиерот вели дека планот е Македонија да биде најбогата на Балканот. Остварувањето на таквите идеи е речиси невозможно. За да може државава да се крене, потребни се големи реформи. Такви реформи сега нема. А реалниот сектор не може (или не сака) да ги искористи ни 250-те милиони од унгарскиот кредит по многу поволна камата
За време на посетата на САД и по средбата со нашите иселеници во Њу Џерси, премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша: „Оваа влада, оваа генерација, ќе ги потврди илинденските идеали и ќе го продолжи делото на илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот“.
Во ноември, во интервју за магазинот „Капитал“, претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски изјави: „Би можеле да бидеме економски тигар во регионот, но сами си ја уништуваме иднината.“
Пред близу 30 години, еден министер во македонската влада исто зборуваше дека Македонија ќе биде економски тигар на Балканот. И тоа во време кога бевме и посиромашни отколку што сме сега.
Има ли логика, економска, во ваквите размислувања, кои се повеќе некои нејасни желби, кога сите статистички и други податоци покажуваат дека во овој момент тоа изгледа невозможна мисија. И по сè изгледа така ќе биде за долго време. За тоа долго време, сите други земји од регионот треба силно да заостануваат економски, а ние да се развиваме со двојно поголем раст.
Прво, самиот поим „тигар економија“ сега изгледа застарен. Во ерата по „крајот на историјата“ во 1989 година и почетокот на глобализацијата, тој термин остана да се поврзува за оригиналните четири земји економски тигри – Јужна Кореја, Тајван, Хонгконг и Сингапур. Од крајот на 50-тите до 90-тите години на минатиот век, тие четири земји презедоа големи економски и други реформи со кои драматично ги променија општествата и се претворија во силно извозно ориентирани економии кои предизвикаа брз пораст на животниот стандард и усвојување на високотехнолошки знаења. Во текот на овој развој, тие се претворија и во финансиски и во трговски центри на Азија. Со годините, тие четири земји достигнаа огромни порасти на БДП по жител и станаа меѓу најбогатите светски држави. Во 2024 година, Сингапур имаше БДП по жител 104 илјади долари, а Јужна Кореја 37 илјади.
Бидејќи тигарот е многу важен во симболизмот на Азија, подоцна вакво друштво за брзината на развојот формираа Индонезија, Филипини, Малезија, Тајланд и Виетнам. Кина стана толку голема економија (втора во светот) што немаше потреба да се именува како некаков тигар. Имаше и други економски тигри – Заливскиот тигар (Дубаи), Келтскиот тигар (Ирска), Тигарот од Татра (Словачка), Балтичките тигри. Сите овие именувања за брзорастечки економии беа до некаде 2010 година. Нивниот развој во некои години достигнуваше и двоцифрен годишен БДП. Словачка е извонреден пример. Откако таму на почетокот на 2000-тите години десничарската влада направи големи и длабоки економски реформи, успеа да привлече производители на автомобили. Прво „Пежо“, а потоа јужнокорејската „Киа“ која вложи тогаш фасцинантни една милијарда долари и почна со производство. Потоа и други од автомобилската индустрија отвораа свои фабрики и денес Словачка произведува повеќе од еден милиони автомобили годишно и е најголем светски производител на автомобили во светот по жител. Во 2024 година, Словачка требаше да има 25 900 долари БДП по жител.
Драмата со 250 милиони евра
Може ли Македонија да влезе во вакво „тигарско друштво“ и од сиромашна во регионот да стане најбогата?
Само една ситуација може да покаже дека не само што сме ужасно далеку од тигарска економија туку и дека на повидок нема ни подготовки за трасирање на економски реформи кои се клучот за напредок. Унгарските 250 милиони евра од кредитот кои се наменети за компаниите влегоа во маѓепсан круг. Тие најпосле ќе бидат и доделени, но најпоразувачки е тоа што Владата се откажа од првобитната намена тие да бидат строго насочени кон производството (за купување машини, на пример) или за изградба на хали каде што ќе се произведуваат добра. Кога се најавуваше кредитот уште се велеше дека тој ќе им биде доделен на оние компании кои ќе произведуваат стоки за извоз и ќе го зголемат бројот на вработени.
Каматата што ќе треба да ја платат компаниите е навистина мала – 1,95 отсто, другите 3,25 проценти ќе ги преземе државата на свој грб (т. е. даночните обврзници). Но, излезе зачудувачки зошто и за тој кредит по толку поволни услови (рок на плаќање до 15 години) нема доволно заинтересирани од производствените компании, она што со децении се нарекува реален сектор. Премиерот Мицкоски пред неколку недели навести дека е можно унгарските пари да се користат и за изградба на трговски центри, а тоа како речиси готов факт го кажа на 24 јануари.
Владата и самиот премиер сега велат дека доколку не се прошири опсегот на дејноста на компаниите, важен дел од парите од кредитот може да остане неискористен. Мицкоски рече дека доколку има ограничувања, може да се случи наместо 250 милиони да се искористат само 120, 100, 80 или 150 милиони евра, а останатите да стојат.
„Од тие причини сакаме да го прошириме на сето она кое ќе има позитивен инпут во домашниот бруто-производ и во македонската економија“, рече Мицкоски.
А тој позитивен инпут во БДП треба да се прави преку владино кредитирање на изградба на трговски центри или проекти за обновливи извори на енергија. Самата идеја со унгарските пари да се финансира производство за извоз драматично се трансформира во еден важен дел во изградба на центри за трговија каде што речиси сите стоки за продажба треба да дојдат од странство, од увоз. И во исто време, граѓанството и вкупната економија (големи, мали и средни субјекти) ќе треба да издвојуваат пари во државниот буџет за да финансираат изградба на центри кои ќе се занимаваат со трговија и со други услуги.
Барем засега не е познато зошто немало толкав интерес кај компаниите за да аплицираат за кредит со толку мала каматна стапка и зошто преговорите со банките преку кои треба да одат заемите беа под најстрога тајност и се одолговлекуваа неколку месеци. Очигледно нешто во плановите и во идеите не може да се оствари. Зошто, можеби ќе дознаеме наредниве месеци.
Но, главното прашање од овој економски план е поврзано со амбициите на сегашната Влада да ја направи Македонија најбогата економија во регионот. Ако сегашниот производствен дел од македонската економија нема сили да искористи 250 милиони евра под супер поволни услови, како би можела да влегува во тигарска зона? Едноставно изгледа невозможно без оглед на желбите зашто земјава е осиромашена со квалитетен производствен кадар, пред сѐ квалификуван, и е со слаба инфраструктура.
Ние и соседите
Не знаеме дали премиерот кога вели „Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот“ мисли само на земјите од Западен Балкан, кои аспирираат кон Европската Унија, или за целиот Балкан. И во едниот и во другиот случај фактите воопшто не ѝ одат во прилог на Македонија. Веднаш да ја исфрлиме Грција од споредбите, таа е економски џин на Балканот и покрај своите големи економски маки последниве 17 години. Во 2024 година, дури 36 милиони туристи ја посетиле Грција и тие потрошиле 22 милијарди евра. Да не зборуваме за другите сектори, на пример, бродоградбата.
Да видиме каков е соодносот на Македонија со Албанија со која до октомври лани бевме заедно на патот кон ЕУ, а сега сме одделени. Таа оди напред, ние стоиме во место.
Економијата на Албанија во последниве години расте со забрзано темпо. Официјалните податоци на Светска банка покажуваат дека во 2023 година, БДП на Албанија бил 22,98 милијарди долари, а за 2024 година предвидувањата се 26,18 милијарди долари. БДП по жител во 2023 година бил 8 367 долари, а во 2024 година ќе биде 10 586.
Напредокот на Македонија е многу поскромен – во 2023 година, БДП бил 14,76 милијарди долари, а во 2024 година ќе биде 15,86 милијарди. БДП по жител во 2023 година беше 8 146, а во 2024 година ќе биде 8 660. Дека двете земји одат со различна брзина по економскиот пат го покажуваат и податоците како економијата се променила од 2020 година до сега. Во 2020 година, БДП на Албанија беше 15,16 милијарди долари (по жител – 5 343 долари), а на Македонија 12,36 милијарди долари (по жител – 6 659 долари). Албанија сега толку забрзано оди напред што изгледа дека Македонија не може веќе да ја стигне.
Србија во 2023 година имаше БДП по жител 11 360 долари. За 2024 година се предвидува 13 490 долари. Босна и Херцеговина во 2023 година имаше 8 426 долари по жител, а Црна Гора 12 016. Бугарија во 2023 година имаше 15 797 долари, а Хрватска дури 21 459.
Бројките се неумоливи. Нив не можат да ги урнат ниедни политички прокламации. Неодамна на Светскиот економски форум во Давос хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, користејќи го примерот на неговата земја, покажа колкава е трансформативната моќ на ЕУ бидејќи во деветте години од неговата влада (премиер стана во 2016 година) економијата на Хрватска од 62 отсто од просекот на Унијата се искачи на 78 отсто. Бугарија, пак, во 2006 година, последната година пред да стане членка на ЕУ, имаше БДП по жител 4 523 долари (Македонија 3 440). Во 2008 година, тој стигна до 7 271 (Македонија 5 026). Понатаму во годините, користејќи ги погодностите од ЕУ и од нејзините фондови, бугарскиот раст акцелерираше и сега е 2,5 пати поголем од македонскиот по глава на жител. Од 1 јануари, Бугарија влезе и во Шенген зоната и според пресметките само од тој чекор бугарскиот бизнис ќе има заштеда (или заработка) од 900 милиони евра годишно.
Така стојат работите, го сакале ние тоа или не. Или би сакале да го признаеме или не. Работите, во основа, се прилично едноставни – потребни се реформи. Секакви, и економски и општествени. Без нив ќе се чудиме како производствените компании не можат да потрошат супер поволен кредит од 250 милиони евра. А за реформи е потребно и знаење и политичка храброст.